„Сега ќе уживам поради тоа што можеби нема долго да останам прв“


    Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


    Британскиот тенисер Енди Мареј вчера рече дека сега ќе ужива во тоа што е прв тенисер на светот, поради тоа што тој успех нема да трае долго.

    Мареј од денеска ќе биде прв на АТП листата, после освојувањето на мастерот во Париз и елиминацијата на Ѓоковиќ во четвртфиналето на тој турнир.

    Британецот во финалето го победи Американецот Џон Изнер 6:3, 6:7, 6:4 и ја освои осмата титула во сезоната, прва во Париз, а вкупна 14 од мастерс серијата.

    „Бев навистина нервозен пред мечот“, рече Мареј, и покрај тоа што го победи Изнер во сите седум мечеви пред вчерашниот.

    Тој така како прв тенисер на светот ќе го дочека завршниот АТП турнир, кој почнува на 13 ноември, а Ѓоковиќ ќе се врати на прво место ако победи во секој меч во Лондон. Српскиот тенисер беше на првото место на АТП листата 122 недели по ред.

    „Можеби на првото место на АТП листата ќе бидам само една недела, затоа сега ќе уживам. Можам да го загубам првото место на завршниот турнир и никогаш повеќе да не бидам прв“, рече Мареј.

    „Се чувстувам подруго отколку кога освоив гренд слем или олимписко злато“, додаде 29-годишниот Британец, трикратен гренд слем шампион, двоен олимписки шампион и освојувач на Дејвис Купот.

    Тој додаде дека многу тенисери му честитале на освојувањето на првото место.

    „Ова беше неверојатно патување до самиот врв на листата“, рече Мареј, чиј брат Џејми е во самиот врв во конкуренција на дублови.

    „Во текот низ годините немаше многу тенисери од Шкотска, а за многу работи кои ги постигнавме заслужни се нашите родители. Нашата мајка е тениски тренер. Ни помогна навистина да научиме тенис и од мали да уживаме во тенисот“, рече британскиот тенисер