Ремек-дело на Санчез и победа на Чиле, Бразил лесно со Парагвај, пораз на Уругвај


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Од 14-то коло во квалификациите за СП 2018-та година се одиграа уште три натпревари.

Репрезентацијата на Чиле ја победи Венецуела, 3:1.

На самиот старт на натпреварот Алексис Санчез постигна фантастичен погодок од слободен удар за водство на Чиле. Две минути подоцна Паредес зголеми на 2:0.

Паредес во 22-ра минута го постигна својот втор погодок на натпреварот за 3:0. Венцуела го намали водството преку Рондон после еден час игра. Алексис Санчез имаше шанса од белата точка да го постигне својот втор погодок на натпреварот, но промаши, до крајот немаше промена на резултатот, 3:1.

Чиле ќе се искачи на четвртата позиција, а Венецуела ќе остане закована на дното.

 

Бразил лесно го совлада Парагвај, 3:0.

Кутињо во првото полувреме му донесе водство на Бразил. На почетокот на второто полувреме голманот на Парагвај го одбрани ударот од белата точка на Нејмар.

Неколку минути подоцна Нејмар го зголеми водството на бразилците. Конечните 3:0 ги постави Марсело четири минути пред крајот на натпреварот.

Бразилците ќе останат лидери со девет бода повеќе од второпласираната Колумбија, а Парагвај после поразот ќе најде на осмата позиција.

 

Перу на домашен терен беше подобар од Уругвај, 2:1.

После еден час игра Санчез ја затресе мрежата на Перу. Радоста на Уругвај не траеше долго бидејќи четири минути подоцна Гереиро го израмни резултатот.

Флорес во 62-ра минута погоди за водство на Перу. До крајот на натпреварот немаше промена на резултатот, а уругвајците го завршија натпреварот со 10 фудбалери бидејќи резервата Урета заработи црвен картон.

Перу после победата ќе се најде на седмата позиција, а Уругвај трет.