Најтрофејниот фудбалски клуб од нашата земја денеска го слави својот 69-ти роденден


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Денеска нашиот клуб Вардар го прославува 69. роденден. 69 години гордост на Скопје и на Македонија, низ настапите во поранешна Југославија, со трофеите во самостојна Македонија, со играњето во Европа, со полните стадиони и сето она кое го краси Вардар од 1947 година па се до ден денешен.

Основан на 22. јули 1947 година, од фузијата на тогашните спортски друштва „Македонија“ и „Победа“ се добива едно спортско друштво во кое ќе се развива масовниот и квалитетниот спорт. Тоа спортско друштво „Вардар“ ќе стане симбол на македонскиот спорт на овие простори. Од тоа друштво произлезе и нашиот фудбалски клуб, нашата гордост сакана со генерации и генерации, гордост која освои многу титули а од „црвено-црниот“ клуб произлегоа и многу врвни фудбалери кои подоцна ја покоруваа Европа.

Низ 69-годишната историја овој клуб даде многу успешни настапи и резултати, а постарите љубители на фудбалот во поранешна Југославија знаат дека Вардар е најпознатиот и најдобриот фудбалски бренд од Македонија. Од првата па до оваа генерација, Вардар „произведе“ многу познати играчи кои беа незадржливи низ терените на поранешната држава.

Вардаровата историја ја пишуваа многу познати фудбалери кои беа и останаа легенди на нашиот клуб. Некои од нив целата своја играчка кариера му ја посветија на светиот тим, некои правеа трансфери надвор од нашата земја, но сите тие придонесоа Вардар да стане и натаму да биде најпознатиот и најдобриот фудбалски бренд во овој момент. Вечно ќе се паметат настапите и головите на Андон Дончевски, потоа на Васил Рингов, настапите на Кочо Димитровски кој што одигра повеќе од 800 мечеви за нашиот тим, Методија Спасовски преку 600 пати го носеше Вардаровиот дрес, тука е Ѓоре Јовановски преку 400 пати. Головите и потезите на Дарко Панчев, на Саша Ќириќ. Многу, многу настапи и голови виделе љубителите на фудбалот на овие простор. И уште многу, многу други играчи кои ја пишуваа славната историја на клубот.

Поради големата конкуренција на просторите на поранешна Југославија, првата титула Вардар ја освојува дури во 1987 година. Тогашната генерација предводена од Андон Дончевски, освои 38 бодови со 15 победи и осум нерешени средби. Иако подоцна по судски пат титулата му беше доделена на Партизан, сепак, Вардар беше признаен како државен првак од фудбалскиот сојуз на Југославија и на УЕФА. Тоа беше и првиот настап на Вардар во тогашниот Куп на шампионите и се сретна со Порто. Потоа во самостојна Македонија, нашиот тим ќе „нанижи“ уште девет шампионски трофеи, за да годинава дојде до јубилејниот десетти пехар во својата историја. Од осамостојувањето на Македонија, Вардар е најтрофеен клуб и ќе биде шампион во 1993, 1994, 1995, 2002, 2003, 2012, 2013, 2015 и во оваа 2016 година. Пет пати го освојуваше Купот во 1993, 1995, 1998, 1999 и 2007 година.

На меѓународната сцена „црвено-црните“ и натаму бараат пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. Беа блиску во 2003 година кога Спарта Прага застана на нивниот пат во последната пречка пред остварување на сонот. Долго ќе се зборува за двата натпревари со ЦСКА Москва, потоа во поновата историја за дуелите со БАТЕ Борисов, за овие два натпревари со Динамо Загреб каде што бевме многу блиску да поминеме понатаму и да чекориме по патот кон меѓународниот успех.

Од сегашна гледна точка Вардар доби и свој модерен спортски комплекс, доби своја фудбалска Академија од која треба да произлезат голем број на фудбалери кои ќе ја пишуваат иднината на нашиот тим. Вардар го следи теркот на модерните екипи.