Брендот Кире Лазаров ќе го носат седум ракометни школи во Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Препознатливиот спортски бренд Кирил Лазаров ќе го „позајми“ своето име на седум ракометни школи кои се веќе отворени во градовите во Македонија, а официјално со работа отпочнуваат од 1 септември.

Школите „Кирил Лазаров“ се отворени во Охрид, Струга, Скопје, Валандово, Свети Николе, Богданци и Стојаково.

„Нашата идеја е да создадеме, да произведеме врвни играчи. Македонија е ракометна земја и тоа се покажува и на овој камп. Следниот чекор е работата во школите кои првично ќе ги има седум на број. Сакаме да им ги овозможиме идеалните услови на младите и да успееме да направиме врвни играчи. Тоа е нашата главна цел“, истакна Лазаров.

За подоцна е планирано да има школи во повеќе градови во земјата, а македонскиот ракометен ас не крие дека неговата желба е овие младински селекции за период од една до две години да влезат и во системот за натпреварување во Македонија и на тој начин да се натпреваруваат со веќе етаблираните ракометни клубови.

На денешната завршна прес конференција за третиот по ред ракометен камп „Кирил Лазаров 7“, македонскиот капитен изрази задоволство од сработеното на кампот, кој во овие две недели се организира во Охрид. Лазаров е идеен творец на кампот кој за прв пат се организираше во 2015 година.

„Трета година по ред го организираме кампот. Во овие три години ги надминавме нашите очекувања. Оваа година сме најзадоволни како по квалитет така и по бројност. Благодарност до целиот мој тим кој учествува во целиот овој проект. Да им овозможиме на овие деца што е можно повеќе да научат за ракометот, да се забавуваат и да си отидат задоволни од тука. Имаме деца и од странство, но приоритет даваме на нашите деца. Мило ми е што има се повеќе девојчиња што го сакаат ракометот. Македонија е ракометна нација“ рече Лазаров.