Лазаров: Нант рамноправно ќе се носи со сите европски клубови


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Новиот член на најелитното европско ракометно натпреварување, француски Нант, рамноправно ќе се носи со останатите европски клубови од ова друштво, категоричен е Кире Лазаров кој од септември годинава по седум години минати во Шпанија се сели на западниот брег од Франција.

Лазаров денеска даде и свое видување за претстојните натпревари кои го очекуваат во групната фаза од Лигата на шампионите, а во кои неговиот Нант ќе ги одмери силите со Вардар, но и со неговите поранешни клубови: Барселона и Загреб. Во групата А се и екипите на Рајн Некар Левен, Висла Плок, Сегед, Кристијанштед.

„Задоволен сум од ждрепката. Ќе гостувам во Скопје, Барселона, Загреб. Сите тие се мои омилени градови и секаде имам голем број на пријатели. Тоа е дополнителна мотивација за мене. Се најдовме во екстра квалитетна група, каде сите противници се тешки и нема изразити фаворити. Секоја година е сѐ потешко да се стигне до фајнл-форот, а камоли да се освои титулата. Барселона и Вардар имаат поголемо искуство, но во спортот никогаш не се знае ништо“, вели Лазаров, запрашан да ја коментира ждрепката во која се најде неговиот нов клуб Нант.

„Сѐ уште не сум отишол во Нант, но она што го гледав од претходната сезона за мојот нов тим, иако за првпат ќе играме во ЛШ, се надевам дека достојно и рамноправно ќе се носиме со сите европски клубови“, додава Кире Лазаров.

Новиот играч на француски Нант смета дека не е добро секогаш да се биде фаворизан, посочувајќи го примерот на фаворитот Киелце и  „потценетиот“ Вардар кој годинава ја освои ракометната Лига на шампиони.

„Можеби е подобро да бидеш фаворит од сенка, т.е. аутсајдер и спремно да работиш, да си ги вршиш работите и да чекаш шанса која треба да ја искористиш, меѓутоа мислам дека само јас и моите луѓе од клубот треба да стоиме цврсто на земја, ова за нив е новост. Мината сезона Нант го освоија францускиот куп, играа повеќе натпревари рамноправно со екипата на ПСЖ, која знаеме колкав буџет има. Позитивен сум, француската лига е нешто ново за мене, таа од година во година е се поквалитетна, свесен сум дека нѐ очекуваат големи напори и предизвици, но тоа нема да биде за првпат во мојата кариера и спремен сум да одговорам на тоа“,одлучен е ракометниот ас Лазаров.

Охрид 24