Трајчевски: Имаме сили да го елиминираме Динамо Минск


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Тимот на Работнички ќе има тешка задача на гостувањето во Белорусија кај Динамо Минск во обидот да мине во третото коло во Лигата на Европа.

Капитенот на „Романтичарите“ , Душко Трајчевски смета дека тимот има сили да го елиминира Динамо иако Белорусите и по ростерот и по резултатот од првиот натпревар се благи фаворити.

„Имаме сили за да го елиминираме Динамо Минск, иако тоа нема да биде ни малку лесна задача. Но, сега знаеме точно за каков тим се работи, ги знаеме нивните добри и лоши страни, и ќе се обидеме од тоа да извлечеме корист. Тие сигурно се подобро физички подготвени, со оглед дека нивното првенство е во полн ек, и имаат одиграно 15 кола. Ние допрва влегуваме во вистински ритам, но можеме да го пронајдеме вистинскиот пат за да ја оствариме целта. Треба да одиграме многу подобро отколку на првиот меч во Скопје, а доколку први го отвориме резултатот, мислам дека ќе бидеме блиску до целта“– истакна Душко Трајчевски.

Експедицијата на Работнички утре наутро патува за Минск, а во четврток ќе го игра реванш натпреварот против Динамо Минск.