Чеде Јаневски официјално претставен како нов предводник на Вардар


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Поранешниот македонски селектор, Чеде Јаневски ќе биде предводник на актуелниот шампион на Македонија, екипата на Вардар.

Искусниот стратег денес на прес конференцијата пред дуелот со Фенербахче беше претставен на јавноста.

Јаневски упати благодарност до управата на клубот што му ја дало довербата и што овозможила негово враќање во клубот.

„Најпрво сакам да и се заблагодарам на управата што ми ја додели оваа улога, да се вратам во клубот каде ја направив најголемата афирмација. Преку овој фудбалски клуб направив кариера во странство, затоа сум задоволен и среќен што повторно сум дел од оваа фамилија. Се надевам дека со професионална работа со колегите од стручниот штаб ќе го продолжиме започнатото од последните неколку години и ќе придонесеме не само за Вардар, туку и општо за македонскиот фудбал“- беа првите зборови на Јаневски по официјалното промовирање.

Новиот предводник на „црвено црните“ истакна дека јасна цел на клубот е освојувањето на титулата и дека со овие услови што ги има, Вардар може до завршницата на едно од европските натпреварувања.

„Ги знаеме условите во Вардар. Вардар е најголем бренд во Македонија. Сите сме насочени да успееме со овој тим. Голема чест и пред се обврска е да се работи во овој тим затоа што пред нас имаме се, од инфраструктура до спонзорство. Јас сум убеден дека овој клуб еден ден може да игра на завршницата од Лигата на Европа или Лигата на Шампионите, но за да стигнеме до таму треба да работиме доста напорно. Разликата од пред пет, шест години, не само во Вардар, туку и во Шкендија е голема и тоа ни дава надеж дека со работа може да стигнеме до посакуваната цел во иднина. Во Вардар ќе работам професионално за да ги постигнеме зацртаните цели, а тоа е освојување на трофеи, затоа што за Вардар се друго е неуспех“- заврши Јаневски.