ВИДЕО: Голема победа за Вардар против Фенербахче


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Тимот на Вардар вечерва во Скопје забележа голема, злато вредна победа над турскиот гигант Фенербахче. Избраниците на Чеде Јаневски со 2:0 ќе патуваат на гостувањето во Турција.

Очекувано, турскиот тим ја диктираше играта на целиот натпревар, но Вардар одигра доста мудро и извонредно тактички и успеа да слави голема победа.

Првиот гол падна уште во 20 минута кога Тигран Барсегјан го помина Шкртел и без поголем проблем го совлада Камени.

Во преостанатиот дел на натпреварот немаше многу возбудувања, Фенербахче напаѓаше, но немаше ниту една стопроцентна шанса. Единствено беа блиску до погодок кога Дирар шутираше откосо, но Гачевски беше на вистинското место.

Возбудувањата дојдоа во самиот финиш на натпреварот. Најпрво Грнчаров заработи црвен картон поради удар со лакто врз Солдадо. Се чинеше дека Вардарци ќе се затворат и ќе се обидат да го бранат резултатот во преостанатите пет минути.

Сепак, при еден не толку опасен напад на нашиот тим одбраната на Фенербахче одигра катастрофално, а на наша среќа Мехмет Топал и Идриз Камени не се разбраа  баш најдобро, а Турчинот си ја смести топката во сопствената мрежа. На крајот Соуза заработи директен црвен картон.