Спировски: Ништо не е готово, реваншот ќе биде многу тежок


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Екипата на Вардар забележа огромна победа во четвртокот во првиот натпревар од плеј-офот од Лигата на Европа. „Црвено црните“ како што е познато со големи 2:0 го совладаа гигантот на турскиот и европскиот фудбал, Фенербахче.

Сепак, никој од редовите на Вардар не се залетува да каже дека работата е 50% готова и сите се сложуваат со фактот дека во Истанбул ги очекува пеколно тежок натпревар.

Играчот од средниот ред, Стефан Спировски смета дека предноста со која Вардар патува во Турција е добра, но дека ништо не е готово и дека таму ги очекува многу тежок реванш натпревар.

„Беше тежок и цврст натпревар, онака како што и очекувавме пред почетокот. Ние го оставивме срцето на терен, одигравме храбро и тимски и уште еднаш на овие европски натпревари покажавме дека можеме да се носиме со големите екипи. Сите сме благодарни на поддршката на навивачите, и посакуваме да ги израдуваме и после реваншот на гостински терен, и се надеваме дека ќе им приредиме најубав подарок, а тоа е пласман во групите во Лигата на Европа.

Предноста е добра, но уште ништо не е готово. Знаеме дека на реваншот ќе биде многу тежок натпревар во кој, како што кажа и нашиот тренер, ќе одиме да постигнеме гол и да си ја олесниме работата. Верувам дека ќе успееме да му донесеме успех на клубот и да ја израдуваме целата македонска јавност. Имаме добра предност сега и ќе треба да одиграме уште еден натпревар да дадеме максимум и да дојдеме до посакуваната цел“- истакна фудбалерот од средниот ред на Вардар.