Ејупи најави дека нема да игра за Македонија додека Ангеловски е селектор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Напаѓачот на Осијек, Музафер Ејупи видно револтиран по објавениот список на играчи за натпреварите со Израел и Албанија јавно го искажа својот став на неговата фејсбук страница.

Напаѓачот кој игра во одлична форма во хрватското првенство, а пред се во квалификациите на Лигата на Европа не доби шанса кај Ангеловски да ги покаже своите квалитети.

Тој беше повикан кога нашата репрезентација играше против Луксембург и Белорусија и доби само 11 минути на натпреварот против Белорусите кој беше од пријателски карактер.

„По објавувањето на списокот на играчи за натпреварите на репрезентацијата на Македонија, јас Музафер Ејупи чувствувам одговорност да си го кажам мислењето и мојата одлука околу мојата иднина во репрезентацијата. Ја почитувам секоја одлука на селекторот Игор Ангеловски, имав во предвид дека предност имаат оние играчи кои играат надвор од Македонија и играат важна улога во своите тимови во посилни шампионати. Бев тивок додека играв во Македонија, а потоа и во Тајланд затоа што сметав дека критериум за во репрезентацијата е да играш во посилен шампионат. Среќата ме однесе во Хрватска, каде постојано постигнувам погодоци, најпрво со Славен Белупо, а сега со Осијек со кого играме во Европа Лигата. Со големо трпение очекував да бидам повикан, но тоа не се случи. Всушност, селекторот Ангеловски ме покани еднаш и без да ми даде шанса да играм со Лихтенштајн, а ми даде само 11 минути во пријателскиот натпревар со Белорусија. Тогаш бев мирен затоа што се уште очекував да добијам вистинска шанса кај селекторот. Но сега по последниот список уште еднаш бев изоставен и навистина не можам да го разберам ова занемарување во услови кога играм во хрватскиот шампионат, а со мојот Осијек имаме успеси . Со ова не сакам да нападнам ниту еден од фудбалерите, но не можам да ја прифатам оваа ситуација. Затоа, ја анализирав целата ситуација која постојано се повторува и по консултација со одредени луѓе решив да не играм за репрезентацијата на Македонија дури и да добијам покана во иднина се додека селектор е господинот Игор Ангеловски“- гласеше коментарот на Музафер Ејупи.

Музафер Ејупи  е одличен летово во дресот на Осијек во настапите од Лигата на Европа. На седум натпревари популарниот Музо постигна четири погодоци, додека во воведните четири кола од хрватскиот шампионат еднаш се запиша во листата на стрелците, со напомена дека на два натпревари не започнуваше од клупата со цел да биде сочуван за натпреварите од квалификациите од Лигата на Европа.