Охрид ремизираше на европскиот деби настап


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ракометарите на Охрид ремизираа на својот деби настап во ЕХФ Купот. Избраниците на Горан Андоновски на првиот натпревар во „Билјанини Извори“ одиграа без победник, 24:24 против холандскиот претставник Крас Волендам.

Охриѓани имаа многу подеми и падови во играта, на моменти имаа предност од плус четири, но на моменти мораа да бркаат исто толкава негатива.

Охрид добро го започна натпреварот и по само десетина минути игра имаше предност од 5:2. Сепак, гостите набргу се вратија во игра и го изедначија резултатот на 5:5. Охрид околу 17. минута имаше предност од четири голови, но Волендам повторно собра сили и се врати во игра. Згора на се гостите од Холандија дојдоа и до предност и на полувреме заминаа со два гола предност (13:15).

Почетокот на вториот дел повторно припадна на Волендам, а Охрид се разбуди во последните десетина минути од натпреварот. Кежиќ по неколку голови во серија на домашниот тим донесе предност за охриѓани од 23:22, но по исклучувањето на Андоновски стивнаа нападите на нашиот претставник.

На крајот Волендам имаше напад за победа, но со одлична поставеност во одбраната Охрид не дозволи гостинот да почне со предност на утрешниот реванш натпревар.

Одличен на голот на РК Охрид беше Благојче Трајковски кој собра 12 интервенции, од кои неколку беа од зицер позиции. Најефикасен кај охриѓани беше Бобан Блажески со шест погодоци, додека Бирдахиќ, Адамовиќ и Младеновски натпреварот го завршија со четири реализирани удари.