Тим на колото составен од македонски интернационалци


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Од овој викенд па натака ќе избираме најдобар тим на колото составен од сите македонски интернационалци кои играат во нашето првенство но и во првенствата ширум светот.

Бидете во тек со настапите на играчите кои го носат или се претенденти за националниот дрес.

Викендов имавме доста расположени наши фудбалери кои прикажаа одлични партии во своите клубови. Во продолжение погледнете го нашиот избор од најдобри 11 за натпреварите кои се одиграа од 15 до 18 септември.

 

Столе Димитриевски: Репрезентативниот чувар на мрежата имаше солиден настап за својот тим на натпреварот против Албасете. Димитриевски имаше неколку убави интервенции, а интересно е тоа што асистираше на третиот гол за својот тим кој го постигна Уче.

Леонард Жута: Повремениот македонски репрезентативец ги одигра сите 90 минути во победата на Риека над Хајдук Сплит во дербито на колото во Хрватска. Жута беше асистент на првиот гол за актуелниот шампион на Хрватска.

Кире Ристевски:  Играчот на Вашаш беше прогласен за најдобар играч на натпреварот против Видеотон. Нашиот репрезентативец беше стрелец на голот за водство на домашниот тим (2:1), а на крајот Вашаш се радуваше на поубедлива победа од 3:1 против лидерот на табелата во Унгарија.

Ненад Мишковски:  Искусниот стопер беше еден од најзаслужните што Ренова успеа да го изненади фаворизираниот тим на Пелистер. 30 годишниот играч од одбраната беше стрелец на единствениот гол откако во 65. минута од натпреварот со глава го совлада Јовановски.

Стефан Спировски: Новиот фудбалер на Ференцварош продолжува со солидните партии за својот клуб. По трансферот од Вардар ова беше втор настап за битолчанецот во унгарскиот гигант и уште еднаш покажа дека ќе биде огромно засилување за тимот во средината на теренот.

Енис Барди: Можеби најдобриот македонски репрезентативец во моментов. Членот на Леванте продолжува со одличните игри во една од најдобрите лиги во светот. На дербито помеѓу Леванте и Валенсија нашиот репрезентативец го постигна единствениот гол за својот тим, а во текот на целиот натпревар ја контролираше играта во средината на теренот против далеку поискусните противници од Валенсија.

Ферхан Хасани: Шкендија полесно од очекувањата го торпедираше тимот на Работнички со високи 6:2. Главен креатор на оваа висока победа беше капитенот на тетовци, Хасани. Репрезентативецот на Македонија постигна два гола во убедливиот триумф против бледиот Работнички.

Марио Ѓуровски:  Ѓуровски продолжува со одличните настапи во првенството на Тајланд. Контроверзниот фудбалер беше асистент на двата погодоци во победата на неговиот Бангкок против Након Ратчасима со 2:0.

Крсте Велкоски: Стружанецот полека ја враќа својата форма во дресот на Сараево каде ги помина најуспешните денови во својата кариера. Велкоски постигна фантастичен погодок на натпреварот против Широки Бријег и беше еден од најзаслужните што Сараево ја врза својата втора победа по ред.

Адис Јаховиќ: Повремениот македонски репрезентативец одлично ја отвори авантурата во најсилната лига на Турција. Адис Јаховиќ беше стрелец на победничкиот погодок за Гезтепе во натпреварот против Генчелбирги. Ова е трет гол во низа за искусниот напаѓач.

Марко Симоновски: Играчот на финскиот Лахти продолжува со фантастичната гол форма која ја има во својот нов клуб. Напаѓачот беше стрелец на три гола на натпреварот против Интер Турку кој неговиот тим го доби со убедливи 6:1. Симоновски досега зад своето име има запишано 12 погодоци и три асистенции во дресот на Лахти.