Пораз за кошаркарите на Македонија, прва официјална победа на Косово


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Првиот меч од претквалификациите донесе разочарување за навивачите на македонската кошаркарска репрезентација. Македонија беше поразена од Косово со резултат од 72 – 68.

 

Првиот квалификациски меч за кошаркарската репрезентација на Косово донесе и прва победа на официјален натпревар за неа. Во натпреварот кој се очекуваше да биде тесен и неизвесен, двете репрезентации влегоа со полна сила и без повредени играчи. Сепак, веќе на полувремето следуваа лоши вести за македонските навивачи затоа што Македонија заостануваше огромни 20 поени и главните играчи не беа на посакуваното ниво.

Второто полувреме донесе подобра кошарка за македонската репрезентација, која во четвртата четвртина се доближи на само еден напад од изедначување на резултатот. На дваесетина секунди до крајот на натпреварот Тасовски погоди тројка и репрезентацијата на Македонија заостануваше само 2 поени, со резултат 70 – 68.

Веднаш во следниот напад на противникот, Мекај беше фаулиран и отиде на линијата за слободни фрлања. Ги погоди двете и со тоа стави крај на надежите на македонските репрезентативци дека би можеле да дојдат до победа.

Конечниот резултат беше 72 – 68.

 

Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Џордан Теодор со 22 поени и Војдан Стојановски со 17. Херој на вечерта кај репрезентацијата на Косово беше Дардан Бериша со 28 поени и публиката му се оддолжи за одличната игра со тоа што му го скандираше името по крајот на натпреварот.