Се е подготвено за 31. Охридски пливачки маратон


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Завршени се речиси сите подготовки за стартот на годинешниов 31. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота на 19 август на патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид, во должина од 30 километри. Стартот на маратонот ќе биде во 12 часот во Свети Наум, а првите пливачи се очекува на градското пристаниште да пристигнат околу 17 часот и 30 минути. Ова беше соопштено на денешната прес конференција.

Главен организатор на маратонот, чиј покровител е претседателот Ѓорге Иванов, е Општина Охрид во соработка со Пливачката федерација, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортските федерации на Република Македонија.

На годинешниов маратон ќе има 22 учесници од кои 15 во машка и 7 во женска конкуренција,а доаѓаат од Аргентина, Франција, Бразил, Канада, Италија, Германија, Холандија, Хрватска, Русија и домаќинот Македонија. Охридскиот пливачки маратон, годинава е трета трка на Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и претставува една од најпрестижните и битно влијае на конечната светска листа на маратонското пливање.

Претставникот на техничката делегација на ФИНА Саболч Фодор и претставникот на Пливачката федерација на Македонија Јане Карајованов изразија благодарност за огромната поддршка на Општина Охрид која е главен организатор на маратонот и надеж дека оваа светска пливачка манифестација ќе помине во најдобар ред.

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев, посака поволни временски услови и најави дека е во одлична форма и очекува да се качи на победничкиот пиедестал на годинешниот Охридски пливачки маратон.