Официјално: Парондо ќе биде нов тренер на Вардар


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Тоа што се шпекулираше во последните неколку денови денес доби и официјална потврда. Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната година ќе седне на тренерското столче на машката екипа на Вардар како наследник на Раул Гонзалез кој заминува во ПСЖ.

Парондо досега работеше како помошник на Ирина Дибирова во женскиот клуб на Вардар, а беше и асистент на Раул Гонзалез во репрезентацијата на Македонија.

Прославениот поранешен шпански ракометар беше дел и од младинската селекција на Македонија која стигна до шестото место на Светското првенство во Алжир. Парондо тогаш работеше како стручен помошник на Темелковски во подготвувањето на младите ракометари за Мундијалот.

„ Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата  ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене.

Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа.

И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е – во самиот европски врв“ –истакна Парондо.

Роберто Гарсија Парондо во својата кариера има настапувано за тимовите на Ваљадолид, Адемар Леон, Сиудад Реал, Пик Сегед и Будакалаш, а беше стандарден и во репрезентацијата на Шпанија каде освои злато на Медитеранските игри во 2005 година.