Комплетирана куќата на фудбалот со нов смесутвачки капацитет за Академијата на ФФМ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денеска претседателот на УЕФА, Александар Чеферин заедно со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски како и претставникот на Владата на Р.Македонија, Кочо Анѓушев го пуштија во употреба новиот објект на ФФМ каде ќе биде сместен сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ како и за младите национални селекции.

„Ако ве дефинираат по делата, а не по зборовите, тоа значи дека сте успеале. Денеска е голем ден, не само за Фудбалската федерација на Македонија, туку и за македонскиот фудбал воопшто. Со отворањето на новиот сместувачки капацитет во рамки на комплексот „Куќа на фудбалот“, дополнително ја вклучуваме нашата федерација во развиеното европско окружување. Кога пред три години, Фудбалската федерација на Македонија влезе во новата програма за развој на УЕФА, јасно и со детален план ги претставивме нашите идеали за младинскиот фудбал. Со програма, услови и методи на работа, а најмногу внимание посветивме на „Фудбалската академија“. Нашата визија беше да ја претставиме Академијата како водечка институција од тој вид во Македонија, со единствена желба своите млади фудбалери да ги подготвиме за времето кое доаѓа, како школа за иднина. Успеавме да пренесеме европско искуство за работа со млади категории, нашите тренери се обучуваа во центрите на УЕФА и низ семинари и практична програма ја добиваат потребната едукација неопходна за развој на младите фудбалери. Отворањето на сместувачкиот капацитет е заокружување на проектот „Академија на ФФМ и УЕФА“ и инфраструктурно комплетирање на тренинг центарот „Петар Милошевски“- коментираше Илчо Ѓорѓиоски во својот говор.

Потпретседателот на Владата на Република Македонија пак изрази голема благодарност до ФИФА и УЕФА за помошта за македонскиот фудбал.

„Ја користам оваа прилика во мое лично име и во името на Република Македонија, да искажам задоволство на отворањето на ваков објект што е важен за развојот на спортот и фудбалот во Македонија и што е најважно посебно е важен за развојот на младите генерации. Тој што се занимавал со спорт знае колку е макотрпно да се дојде до врвот. Таму не се доаѓа на 18 или 19 години. Таму се доаѓа од шест години, толку колку што имаат овие деца. Благодарност до ФФМ, УЕФА и ФИФА за создавањето на овој објект. Децата конечно имаат каде да бидат сместени, нивниот спортски живот да биде организиран и нивната кариера да започне. Ги имаат идеалните услови да покажат резултати. Се надевам дека ова ќе биде зачетокот на една генерација која ќе направи Македонија да не игра епизодна улога во квалификациите за ЕП или СП. Се надевам дека овие услови ќе ни донесат резултати. Меѓу политиката и спортот има сличности, а таа е дека рефлекторите се вперени во вас. Лесно е да се седи на трибина и да се коментира. Меѓутоа кога си на стадионот долу, моментите одлучуваат. Им посакувам многу успех на младите во фудбалот, а на сите останати да бидеме сведоци на една нова генерација на македонски фудбалери“- изјави Анѓушев.