Меѓународната џудо федерација со конкретна поддршка за џудото во Македонија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претседателот на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) Филип Иванов имаше официјален работен состанок со Мариуш Визер, претседател на Меѓународната џудо федерација (ИЏФ).

Состанокот се одржа во Диселдорф по покана од господинот Визер со цел размена на идеи, планови и донации во насока на развој на џудо спортот во Р. Македонија како и зголемување на помошта и соработката меѓу ЏФМ и ИЏФ.

Визер беше информиран за актуелните состојби во џудо спортот во Македонија, за плановите за работа на новото раководство на ЏФМ, како и за првичните чекори што истото ги презема по нивниот избор. Посебен акцент беше даден на унапредување на квалитетот на работа на федерацијата на сите нивоа, плановите за обуки на стручни кадри (тренерски, судиски, административен), вклучување на нови спонзори и нови свежи финансии во џудото, отпочнување со работа на комисиите во рамките на ЏФМ, како и за отпочнување на подготовка на предлози за проекти поддржани од национални и меѓународни институции, чија имплементација ќе значи импулс во развојот на џудо спортот во Македонија, зголемување на транспарентноста во работењето на Федерацијата и отворањето на новата web страница на ЏФМ www.judo.org.mk.

При тоа, господинот Иванов се осврна на одредени предизвици во функционирањето на ЏФМ и укажа на важноста од вклучувањето на сите џудо клубови во Македонија во работата на федерацијата. Дополнително, претседателот на ЏФМ ја истакна одличната соработка со Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија (АМС) кои дават значителна финансиска и логистичка поддршка на ЏФМ. 

Мариуш Визер го искажа своето големо задоволство од ваквиот стратешки план и напредок и ја истакна својата безрезервна поддршка на новото раководство на ЏФМ, истакнувајќи дека ИЏФ, за почеток, ќе го додели проектот на ЏФМ наречен “Џудо во школите“, проект кој подразбира донација од ИЏФ до ЏФМ од 10 борилишта (татами), 500 Џудо-ги (кимона за џудо) и паричен надомест за 10 тренери во период од една година. За таа цел, од страна на ИЏФ до ЏФМ веќе е доставен Договор за соработка кој ќе треба да го потпишат ИЏФ, ЏФМ, МОК и МОН (Министерство за образование и наука на Република Македонија).

Овој проект ќе преставува силен импулс во развојот на џудото во Македонија затоа што ќе овозможи негова дисперзија низ целата држава, вклучување на 500 деца во тренажен процес без никаков надомест и подготовка на 10 тренери кои воедно ќе имаат шанса да ги користат искуствата и знаењето на локални и меѓународни џудо тренери.

Мариуш Визер вети и понатамошна поддршка и нови донации и проекти за новото раководство преку доделување на организација на високи меѓународни џудо натпревари како и користење на тренинг камповите на ИЏФ за подигнување и унапредување на перформансите на македонските џудисти.