МЗТ Скопје со барање да се намали бројот на странци во македонската кошарка


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Од таборот на актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром поведуваат иницијатива за намалување на бројот на странците во домашното првенство.

Инцијативата аеродромци ја испратија до јавноста во вид на соопштение кое ви го пренесуваме во целост:

ВРЕМЕ Е ДА СЕ НАМАЛИ БРОЈОТ НА СТРАНЦИ ВО МАКБАСКЕТОТ!

Лошите резултати на младински селекции како и фактот што сениорската репрезентација спадна на дереџе да игра во најнискиот ранг во натпреварувањата на ФИБА, се дел од причините поради кои МЗТ Скопје Аеродром почна иницијатива за намалување на бројот на странци и тоа од ШЕСТ на ЧЕТИРИ, со интенција таа бројка да биде намалена и на ТРИ почнувајќи од сезоната 2019/20.

Веруваме дека е крајно време да се редуцира присуството на странски кошаркари во прволигашките клубови, со цел поголема шанса да добијат македонските таленти, кои потоа би нѐ извлекле од калта во која сега се наоѓаме сите. Ова би бил прв чекор на патот кон рехабилитација на македонската кошарка на клупски и на репрезентативен план, за која сме сведоци дека е далеку од времето кога бевме четврти во Европа односно седми во АБА-лигата.

Првиот чекор секогаш е најтежок, а тоа е да се признае дека постои проблем, поради што како шампиони сме подготвени да го направиме самите. Но, се надеваме дека нашата иницијатива набрзо ќе прерасне во заедничко барање до Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и тоа со концензус на сите оние кои му сакаат добро на овој спорт кај нас.

Ова не е само наша борба ниту, пак, сами можеме да извојуваме победа. Затоа бараме поддршка од сите членови на Собранието на МКФ, пред сѐ од прволигашите и од Здружението на кошаркари, кои најдиректно се засегнати и кои веруваме дека ќе нѐ поддржат во барањето од кое, убедени сме, зависи иднината на кошарката во Македонија.

Борбата за подобро кошаркарско утре почнува денеска. Придружете ни се!