Официјални резултати од Виз Ер Скопскиот маратон


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


14-то издание на Виз Ер Скопски маратон официјално заврши и истиот беше исполнет со одлична атмосфера благодарение на организаторите, поддржувачите и учесниците.

„Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се види толку голем број на среќни учесници. Имаше одличен натпревар и очигледно е дека сите со големо срце го сакаат Виз Ер Скопскиот маратон. Во однос на сѐ што дознав овие неколку дена видов дека темелите на овој маратон се удрени години наназад и дека самиот негов раст е неизбежен“, истакна светската рекордерка Пола Редклиф.

Илјадници натпреварувачи ги завршија трката на 5км и полумаратонот во полн сјај, но грандиозноста на Виз Ер Скопски маратон ја земаа самите маратонци. Првото место беше доделено на Еванс Бивот чие време беше 02.14.08 и Џедида Карунгу која заврши со 02.51.24. Второто место од машка категорија го зеде Џон Лангат со 02.14.59, а од женска Марија Врајиќ со 03.02.00. Третото место го освоија Хосеа Кипротич со 02.28.58 од машка и Андријана Поп Арсова со 03.05.04 од женска категорија. Со ова време Андријана Поп Арсова го урна државниот рекорд во маратон за жени.

Во категоријата на македонски натпреварувачи на маратонот од машките први три беа Александар Кираџиев со 02.42.48, Марјан Бонев со 02.48.33 и Кокан Ајановски со време од 02.54.41, а од женските Андријана Поп Арсова со 03.05.04, Биљана Кираџиева со 03.15.55 и Весна Кираџиева со 03.32.16. Овие одлични атлетичари од Македонија се натпреваруваат со години и претставуваат неизмерен поттик за секој што сака да се впушти во оваа дисциплина.

14-то издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Скопски маратон традиционално се одржува по повод на Денот на Европа.