Вардар се засили со двајца нови фудбалери


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Од таборот на ФК Вардар официјално ги претставија своите први засилувања во летниот преоден рок.

Нови фудбалери на вардарци се Дарко Мицевски и Филип Најдовски. Мицевски во Вардар доаѓа од тимот на Ал Неџмех од Либан,  а во својата кариера играше и во ОФК Београд, Нови Пазар, Слобода Ужице и Минск.

„Чест ми е и задоволство што ќе играм во дресот на Вардар. Понудата ја прифатив без размислување, и во следниот период ќе дадам се од себе прво да се наметнам и да ја оправдам довербата, а потоа да атакуваме на двојната круна. Малкумина знаат дека јас потекнувам од овој клуб, играв во сите младински категории во Вардар, и ми е многу драго што повторно се враќам во клубот во кој настапував како дете. Од Вардар секогаш се бараат само успеси и само титули. Исто така очекувам успешно да го презентираме клубот и во Европа, како што тоа беше минатата сезона кога Вардар се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа. Прво треба да се изгради екипата, да се воигра добро, а потоа сите заедно да дадеме се од себе да донесеме успех за тимот“, изјави Мицевски.

Филип Најдовски кој настапува во средниот ред пак минатата сезона играше во дресот на Победа.

„Вардар е најголем клуб во Македонија, чест и привилегија е да се биде дел од овој тим. Идната сезона очекувам да се бориме да ја вратиме титулата онаму каде што припаѓа, и да ја освоиме двојната круна. На Вардар секогаш му доликува да се бори да биде најдобар во секоја конкуренција”, рече Најдовски.