Дојдов за да освојувам трофеи со МЗТ Скопје


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Хрватскиот кошаркар, Јуре Лалиќ е најновото засилување на МЗТ Скопје Аеродром.

Центарот е магнет за трофеи бидејќи досега има шест титули во четири држави и пет куп трофеи во три држави. Лалиќ два пати беше шампион на Хрватска со Задар, а истото тоа го направи со Крка во Словенија. Потоа беше шампион во Белгија со Шарлроа и на крајот беше шампион во Полска со Зиелона Гора. Со Задар исто така освои три купа на Хрватска, а куп титули освои со Шарлроа и Крка.

„Многу не размислувам околу тоа колку титули или куп-трофеи сум освоил, но кога вака ќе ги наброите тогаш тоа делува навистина многу. Се надевам дека низата ќе ја продолжам и со МЗТ Скопје, со оглед на тоа што сезонава покрај добрите игри во Еврокупот и во АБА-лигата приоритет ќе ни биде одбраната на приматот во двете домашни натпреварувања. Факт е дека има и други квалитетни екипи, но верувам дека ќе дојдеме до титулата“, изјави Лалиќ.

„Слушнав многу добри работи за клубот и за градот од играчи кои во минатото беа дел од МЗТ Скопје и не ми требаше многу за да решам да потпишам. Имам големо искуство од речиси десетгодишните настапи во АБА-лигата и се надевам дека тоа ќе ми помогне во новата средина за да помогнам најмногу што можам во остварувањето на целите. Ќе биде напорно, сезоната е долга, но очекувам да се случат добри работи“, додаде Лалиќ.

Новото засилување е воодушевен од условите во Јане Сандански.

„Засега се е супер. И луѓето и градот и салата. Пријатно сум изненаден од условите кои ги имаме за работа и верувам дека ќе успееме да ги оправдаме очекувањата на крајот од сезоната“, заклучи Лалиќ.