Минимална победа против Бугарија - Македонија го освои меѓународниот турнир во Скопје

Кошаркарската репрезентацијата на Македонија до 14 години го освои турнирот што се одржува во Скопје.

На меѓународниот турнир учествуваа четири репрезентации, Македонија, Косово, Бугарија и Романија.

Во првото коло Македонија го декласира Косово со 95:49. Дебакл од македонските кошаркари доживеа и Романија, 63:87 со која играа во второто коло.

Денес се одлучуваше победникот помеѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија.

Одлично започнаа македонските кошаркари, 25:19 после првите 10 минути игра. На полувреме Македонија имаше водство од 7 поени, 38:31. Бугарите во третата четвртина се разиграа и го израмнија резултатот пред последните 10 минути од натпреварот, 54:54. Во четвртата четвртина се играше израмнето, но репрезентативците на Македонија беа подобро во финишот од натпреварот и славеа со 67:66.

Најефикасен кај Македонија беше Миловановиќ со 17 поени. Димитровски постигна 13. Германов беше најефикасен кај Бугарија со 23 поени.