Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров во интервју за специјализираниот ракометен портал „Balka-handball” даде опширно интервју на кое ги опфати сите актуелни теми во овој момент. Еве ги најинтересните детали од разговорот со Лазаров:
ЗА ТРАНСФЕРОТ ВО НАНТ:
На маса имав многу опции. Поминав многу непреспиени ноќи дури да ја донесам оваа одлука. Барса беше во игра до последен момент, но решија да го подмладат тимот, нешто како Германија што направи и го освои златото во Полска. Нант покажа дека има големи амбиции во иднина, тој тим е тим кој сигурно чекори кон врвот. Оваа сезона го совладаа ПСЖ со високи седум гола разлика, тоа не е така едноставно. Не можеш да го добиеш францускиот шампион ако не поседуваш висок квалитет, а ме радува тоа што клубот има амбиции и стратегија во иднина да биде уште посилен. Во преговорите беа многу коректни и концизни, што мене навистина многу ми се допадна. Имав и разговор со мојот поранешен соиграч Ентрериос, кој сега е помошник во Нант, како и со Шкоф, кој своевремено го носеше дресот на францускиот клуб. Од двајцата добив само пофални зборови за клубот и раководството, па се одлучив да ставам потпис на двегодишен договор.
ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КЛУБОВИ:
Македонија е во моето срце. Вардар се одлучи за Кристопенс и Македа. Имаат свој концепт и не се одрекуваат од него. Металург започна нов пат, откако се случија проблемите пред неколку години. Нивните планови се фантастични и треба да се поддржат. Не е лесно да се работи со млади ракометари, секоја чест за Червар за неговото трпение. Се надевам дека во иднина повторно ќе ги видиме на старите победнички патеки.
ЗА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА:
Не сум таков тип кој е задоволен од мали нешта. Дури често знам да претерам и да не бидам реален. По еден месец од завршувањето на Мундијалот можам да кажам дека оставивме одличен впечаток и сега започнува нов олимписки циклус. Македонија започна подмладување потпомогната со искусни играчи. Нашиот селектор знае што работи и што сака. Тој има огромно искуство и во својата кариера има поминато многу вакви денови како со Македонија. Имаме глава и опашка и треба да бидеме мирни и трпеливи. Резултатите ќе дојдат, а не само тие туку и загарантирана иднина за следните 10 години. Овој проект само треба да се поздрави. Никој не би слушнал за Талески, Кузмановски, Велковски, Томовски и уште многу други. Сите овие се млади момци кои ќе прераснат во добри и квалитетни ракометари, но нормално тоа зависи и од нив. Македонија има голема ракометна иднина. Сите овие момци Лино ги пронајде, трпеливо работи со нив и тоа ќе го продолжи. Овие се аргументи за да размислуваме позитивно во нашата ракометна иднина.
ЗА КАМПОТ „КИРИЛ ЛАЗАРОВ 7″:
Многу сум задоволен што направивме со моите соработници три години откако го започнавме проектот со кампот. Од година во година растеме, организационо сме подобри. Подготвивме малку поинаков концепт за следниот камп. Припремите се во тек, за нив е задолжен Горан Ѓоргоновски и КМГ агенцијата, а интересот е голем. како се одвиваат работите бројот на учесници брзо ќе се пополни. Македонија го сака ракометот, а ние вложуваме во иднината. Ех, да имаше во мое време кампови, кој знае каков играч би бил.