Мејведер го замолчи МекГрегор со нокаут во 10-та рунда


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


 

Боксерскиот ринг останува неосвоива тврдина за секој противник кој влегува во борба против Флојд Мејведер! Американскиот боксер го победи МекГрегор и постави рекорд од 50-0 во своите борби.

 

Флојд Мејведер и Конор МекГрегор ги вкрстија ракавиците во “Битката на парите”, како што беше наречен мечот, и на крајот Мејведер си отиде дома со победата и со појасот.

Борбата започна добро за МекГрегор, кој имаше одлични неколку рунди а посебно агресивно напаѓаше во четвртата рунда, каде имаше серија од повеќе чисти удари. Но искусниот Мејведер се нашол во таква ситуација безброј пати во кариерата и секогаш излегол како победник, па таков беше случајот и во оваа борба. Смирено и контролирано тој ја презема контролата над мечот и веќе до осмата рунда постави доминација. Ѕвоното го спаси МекГрегор во деветтата рунда кога Мејведер почна да го остварува својот план – да го заврши мечот пред да истечат 12-те рунди.

И во десеттата рунда, токму тоа и се случи. Само минута помина од рундата кога Мејведер со неколку прецизни и силни удари го “здрма” МекГрегор и ирецот мораше да ги искористи јажињата за да се одржи на нозе. Судијата го прекина мечот и досуди технички нокаут за Мејведер, со што американецот стана првиот професионален боксер кој е непоразен со скор од 50-0.

По борбата двајцата боксери спортски се поздравија и Флојд Мејведер даде големи комплименти за МекГрегор.

“Им го дадов на навивачите тоа што им го ветив. По борбата со Пакјао се чувствував како да им должам нешто на фановите, реков дека ќе се оддолжам за тоа. И како што ветив, борбата не траеше цели 12 рунди.” – изјави по мечот Флојд Мејведер.

 

Двајцата боксери инкасираа големи суми на пари со самото учество а Флојд Мејведер ќе собере уште повеќе од бонусите кои ги носи со себе победата во овој меч.