„ Планот е со моите голови да и помогнам на екипата во потцртаната цел“


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Еден од четворицата нови во екипата на Победа е Србинот Милан Војводиќ, 23-годишен офанзивен играч за врска. Роден е во Кикинда, а настапувал за Спартак Суботица, Бачка и во Австрија. Во биографијата највидливото е шампионската титула со Младата репрезентација на својата земја на Европското првенство до 19 години. Веднаш го привлече вниманието кај навивачите на прилепскиот прволигаш и одговори на нашите прашања.

Како се случи трансферот?

– Дојдов благодарение на мојот застапник Зоран Велјановски. Бев на проба и ги задоволив барањата на стручниот штаб и на спортскиот директор.

Одлуката?

– Имав понуди од Супер и Првата лига на Србија. По кусо време во Прилеп на обострано задоволство веднаш потпишав. Убеден сум дека не згрешив.

Информациите за Победа?

– За Победа од порано слушав дека имала свои златни времиња. Сега има борба за опстанок. Се ќе направиме да ја оствариме.

Вашите очекувања?

– Победа да остане во крем – друштвото на македонскиот фудбал. Желба ми е што повеќе да играм, да постигнувам голови и со тоа да и помогнам на екипата.

Престојот во градов?

– Во Прилеп бев осум – девет дена и задоволен сум. Повеќе од очекувањата. Престојот одлично помина, градот е во ред, Победа е макисмално професионален клуб.

Првата лига?

– Не ја познавам многу. Слушам дека последните години Вардар и Шкендија се најдобри клубови и од она што  малку сум ги гледал веројатно се на рангот на Звезда или Партизан.

Вашите најдобри игри?

– Најмногу покажав во Спартак од Суботица. Таму поминав три години, од кои две ипол како првотимец. Со 18 години заиграв за првиот тим и имав најмногу настапи.

Младата репрезентација?

– Одиграв над 20 натпревари – пријателски и првенствени. Највисокиот дострел е златниот медал во Литванија на Европското првенство 2013, каде настапив на два натпревара.

И Мирослав Станиќ е во Победа?

– Мојот сонародник од Смедерево го запознав во Словачка. Можам да кажам дека е многу квалитетен играч.

Кога сте пак во Прилеп?

– Моето следно доаѓање е на 8 јануари, на самиот старт од подготовките на Победа.

Четворица нови

Покрај Војводиќ, во Победа досега пристапија уште: крилниот напаѓач Мирослав Станиќ од Смедерево (претходно во Металац, Леотар Требиње и во Словачка), шпицот, Колумбиецот Емерсон Рамон (претходно настапувал во Хрватска) и дефанзивниот, централен играч за врска Благојче Коњарски од Пелистер (настапувал за Македонија ЃП, Силекс, Напредок и Беласица). Вратата е отворена и за други од земјава и од странство, а пред врата е уште еден напаѓач, Бразилецот Обрегон од Вардар.

Подготовките почнуваат на 8 јануари, а на 27 јануари е заминувањето во Охрид. Таму се планирани пријателски натпревари со Младост Лучани и Јавор Ивањица (Србија) и Крупа Врбас (Б и Х).

Извор: Зенит Прилеп