Серхио Љуљ ја одбележа вечерта со два историски рекорда. Капитенот на Реал Мадрид го одигра својот 700ти натпревар во шпанската АЦБ лига, а со 19 поени во убедливата победа од 119-84 над Сурне Билбао стана првиот кошаркар на Реал што стигнал до 7.000 поени во ова натпреварување.
38-годишниот ветеран го врати времето наназад. За само 12 минути на паркетот, Љуљ погоди пет од девет тројки, еден кош за два поени и две слободни фрлања, а токму тие слободни фрлања го однесоа над границата од 7.000 поени. Натпреварот беше од четвртото коло на шпанското првенство.
Од 700те натпревари во лигата, Љуљ одиграл 689 во дресот на Реал, со што е играчот со најмногу настапи за клубот во историјата на АЦБ лигата. Зад него е Фелипе Рејес со 619 натпревари. Според Basketnews, Љуљ е и рекордер по бројот на настапи во целата историја на шпанската лига.
Само тројца играчи во историјата на лигата постигнале повеќе од 7.000 поени за еден клуб. Тоа се Жорди Виљакампа со 8.991 поен за Хувентуд, Хуан Карлос Наваро со 8.318 и Хуан Антонио Сан Епифанио Епи со 7.029 поени за Барселона. Љуљ сега е многу блиску до бројката на Епи.
Реал во оваа победа погоди 20 тројки, што е клупски рекорд за еден натпревар во првенството. Најкорисен играч на средбата беше Маледон со индекс 24, а мадриѓаните не дозволија изненадување против Билбао.
Љуљ пристигна во Реал во 2007 година и сега ја игра својата 20та сезона во клубот, откако летово го продолжи договорот. Во тој период освоил 30 трофеи, меѓу кои три титули во Евролигата, едно Интерконтинентално првенство на ФИБА, девет шампионски титули во Шпанија, седум Купови на кралот и девет Суперкупови на Шпанија.
Во шпанското првенство Љуљ еднаш беше прогласен за најкорисен играч на сезоната, двапати за најкорисен играч на финалето и трипати беше избран во идеалната петорка. Деталите ги објавија Реал Мадрид и Basketnews.
















