Вардар е непобедлив - ПИК Сегед во Јане Сандански си помина како останатите

    Ракометарите на Вардар во Јане Сандански славеа во натпревар од четвртото коло во групната фаза во ЛШ против ПИК Сегед со 30:27.

    Во првите минути ракометарите на Сегед постигнаа два погодоци во серија, 3:5. На тоа ракометарите на Вардар возвратија со иста мерка и го израмнија резултатот, 5:5. Гостите во последните минути направија повторно серија од два погодоци, 13:15. Вардар до крајот на полувремето постигна три погодоци во серија и заминаа со предност од еден погодок, 16:15. Во вториот дел се играше израмнето, се менуваа водствата на двете екипи. При резултат 22:22, Вардарци постигнаа три погодоци во серија, 25:22, тоа беше првото поголемо водство на домашните ракометари. На три минути до крајот на натпреварот гостите од Унгарија намалија на само еден негатива, 28:27. Вуко Борозан после тајм-аутот повикан од Раул Гонзалез погоди за ново водство од два погодоци. Страхиња Милиќ го одбрани шутот на Балог, а на истата страна возврати Сиера со интервенција. Габер имаше огромна шанса да го намали водството, но шутираше над голот. Борозан ги постави конечните 30:27 со својот трет погодок на натпреварот.

    Тимур Дибиров со 8 погодоци и Страхиња Милиќ со 10 одбрани го предводеа Вардар до победа. Лука Циндриќ беше втор стрелец со 5 погодоци. Балог со 9 погодоци беше најефикасен во тимот на Сегед.