Масар Омерагиќ назначен за претседател на ФФМ до 2029 година


Битки за за титули и Лига на Шампиони во Премиер Лига, Серија А и Ла Лига ↓↓↓


Масар Омерагиќ беше единствениот кандидат и беше избран едногласно и со акламација од највисокото тело на ФФМ, за претседател на Фудбалската федерација на Македонија. 

„Не сме овде само да зборуваме за проблемите од минатото – туку да погледнеме напред, кон новата визија и стратегија за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасен правец, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и да ја врати довербата кај сите што се дел од овој спорт.

Нашата визија е јасна: Силен, организиран и конкурентен македонски фудбал на сите нивоа.

Младински категории кои ќе бидат столбот на идните успеси;

Современа инфраструктура која ќе им овозможи на фудбалерите да напредуваат;

Федерација која работи транспарентно, професионално и во интерес на фудбалот; 

Работиме на нова генерална стратегија: План за иднината!

Без силни млади категории, нема иднина. Ќе вложуваме во подобри услови за тренинг, селекција на таленти и едукација на тренери. Нашата цел е да создадеме млади фудбалери кои повторно ќе бидат конкурентни во европските квалификации.

Како важен сегмент, скаутинг системот ќе се фокусира на македонските таленти од странство, со цел да им се обезбеди дресот на Македонија како прв избор.

Подобрување на инфраструктурата

Фудбалот не може да напредува без квалитетни терени. Ќе инвестираме во изградба и модернизација на терените ширум Македонија и тренинг-центри, со реални проекти и јасна финансиска стратегија.

Финансиска стабилност и транспарентност

Секој денар во федерацијата ќе биде инвестиран во вистински проекти. Заврши времето на непродуктивно трошење – парите ќе одат таму каде што се најпотребни. На оваа позиција доаѓам како поранешен фудбалер и успешен бизнисмен, фудбалот доволно ми има дадено, време е да му вратиме за добро на сите.

Поддршка за клубовите

Клубовите се крвотокот на фудбалот. Новата стратегија предвидува конкретни програми за финансиска и стручна помош, за да им помогнеме да растат и напредуваат. Да бидат конкурентни во Европските натпреварувања или барем на повисоко ниво од тоа што денеска го имаме.

Унапредување на меѓучовечките односи и професионализација

Федерацијата мора да биде модел на професионалност, транспарентност и ефикасност. Ќе градиме култура на соработка, почит и јасни одговорности.

Фудбалската федерација ќе обезбеди целосна логистичка, стручна и финансиска поддршка за двете најважни селекции – А репрезентацијата и репрезентацијата до 21 година. Впрочем, за нас ќе бидат важни селекциите од најмала возраст до најдобрата репрезентација. 

А репрезентацијата е лицето на македонскиот фудбал, нашиот најголем амбасадор на меѓународната сцена. Ќе направиме сè за да имаат најдобри услови за подготовкии поддршка за големи натпреварувања.

Селекцијата до 21 година е нашата иднина – тие се играчите што ќе ја предводат А репрезентацијата во годините што доаѓаат.

Затоа, ќе вложуваме во нивниот развој, ќе им обезбедиме врвни услови за тренинг, подобра координација со клубовите и можности за меѓународни искуства.

Многу важен дел од новата Стратегија ќе биде целосната реформа во структурата на Општинските фудбалски Сојузи и реформа на организациската структура на Фудбалската федерација на Македонија.