Мајкл Олисе постигна два доцни гола во триумфот на Баерн од 5-0 против Буде/Глимт и беше избран за играч на мечот, но по натпреварот повеќе внимание од головите привлече неговото кусо и незгодно интервју за DAZN.
Според SPORT Bible, новинарот Јохен Штуцки го прашал како се чувствува откако постигнал два одлични гола. Одговорот на Олисе бил: „Не знам“. Кога бил прашан дали размислува за шутот или едноставно шутира, рекол: „Шутирам и влегува или не влегува“.
Новинарот забележал дека ако е толку лесно, сите би можеле да го прават тоа и дека Олисе е „единствениот“. Французинот, со незгодна насмевка, одговорил: „Не сум единствениот што може да постигнува голови. Не мислам така“. Потоа новинарот му рекол дека доста му го отежнува интервјуто.
Сите голови на Баерн паднаа во вториот дел: Мусијала во 47ма, Кејн, Дејвис, а Олисе со два гола доцна во мечот ја комплетираше петката. Интервјуто брзо се рашири на социјалните мрежи, со поделени реакции – дел од навивачите го гледаа како директен и искрен стил, а дел како непочитување кон новинарот.
Олисе е познат по смирениот пристап и по тоа што ретко емотивно ги слави головите. Во интервју за Highsnobiety во јуни, пренесено преку Sport Bible, објаснил: „Не сум супер емотивна личност. Не реагирам на истиот начин како сите други“.
За Баерн ова беше убедлив старт во лигашката фаза на Лигата на шампионите. За Олисе – уште еден доказ дека на теренот зборува повеќе отколку пред камерите.














