Жалгирис од Каунас парично го казни својот бек Карсен Едвардс, откако американскиот кошаркар беше запрен од полицијата додека возел под дејство на алкохол. Литванскиот клуб ги разгледа околностите на инцидентот и, во согласност со правилата на тимот, одлучи да му изрече финансиска казна, објави BasketNews.
Висината на казната не е објавена. Во соопштението на клубот, пренесено од LRT, се наведува дека таквото однесување не е во согласност со вредностите на Жалгирис, со стандардите што се очекуваат од професионалните спортисти и со одговорноста на оние што го претставуваат клубот.
Инцидентот се случил во ноќта од недела кон понеделник, само неколку часа по победата на Жалгирис над Лиеткабелис во литванското првенство. Полицијата го запрела 28-годишниот Американец околу 00:30 часот во Каунас, за време на превентивна акција, додека возел „Фолксваген Тигуан“, пишува Eurohoops.
Портпаролот на полицијата Рамунас Матонис потврдил дека кај поранешниот НБА кошаркар е утврдено присуство од 1,07 промили алкохол во крвта. Случајот прв го објави литванскиот портал Krepsinis.net.
Според литванските закони, за возење со концентрација на алкохол од 0,41 до 1,5 промили следува прекршочна одговорност, односно парична казна и одземање на возачката дозвола, пишува Delfi.
Едвардс ја призна грешката, искрено се извини и ја презеде одговорноста за своите постапки, соопшти клубот. Според Жалгирис, играчот ја разбира сериозноста на прекршокот и признава дека неговото однесување не ги исполнило ниту вредностите на клубот, ниту професионалните стандарди што се очекуваат од него.
Од Жалгирис порачаа дека се надеваат оти оваа ситуација ќе биде важна лекција за играчот и уште еднаш нагласија дека секој што го претставува клубот мора да го почитува законот и да биде одговорен пример, како на теренот, така и надвор од него.
















