Вардар 1961 во четврток го игра третиот натпревар во групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите. Во „Јане Сандански“ доаѓа полскиот шампион Орлен Висла Плоцк, а дуелот почнува во 20:45 часот.
Скопјани по два натпревара се без бод, иако и на двата беа блиску до позитивен резултат. Вардар на стартот загуби во Мелсунген со 31-33, а потоа и дома против Нант со 32-33. Висла има една победа и еден пораз: на домашен терен го совлада Мелсунген со 25-24, а во Нант загуби со 25-26.
Чупиќ: Висла е меѓу десетте најдобри во Европа
Тренерот Иван Чупиќ не го крие респектот кон ривалот. „Висла е топ клуб меѓу десетината најдобри во Европа. Имаат ист тренер долги години и се константни во резултатите. Добро ја паметам доминацијата на Киелце во Полска, а сега Висла го презеде приматот таму. Тоа е доказ за нивното ниво“, рече Чупиќ на прес-конференцијата.
Вардар и натаму нема да може да смета на Бомаштар, кој се опоравува од незгодна повреда на грбот. Чупиќ се надева дека ќе го има по репрезентативната пауза. Добрата вест е што во составот се вратија Лазаревски, Педро и Стојановски.
„Нè очекува тежок натпревар против силен противник. Имаме добра атмосфера во екипата и ќе дадеме сè од себе пред полна сала да се израдуваме на првите бодови во Лигата на шампионите. Се надевам дека ќе одиграме квалитетна одбрана како на натпреварот со Охрид“, порача капитенот Васил Гогов.
Двата тима без пораз во првенствата
Двата тима доаѓаат со совршен учинок во домашните првенства. Вардар има пет победи од пет натпревара, вклучувајќи го и 27-18 во дербито против Охрид, додека Висла исто така има пет победи и за викендот го совлада Вроцлав со 43-25. Според EHF Champions League, најдобар стрелец на Вардар во Европа е Мохаб Абделхак со 14 гола, а кај Висла предничи новото засилување Фредерик Бјере со девет гола.
Клубовите досега одиграа шест натпревари, од кои Вардар има три победи, два нерешени и еден пораз. Последниот дуел беше на 4 март 2018 година и заврши 31-31. Навивачите ќе можат да се загреат уште од 18:30 часот, кога на платото пред „Јане Сандански“ почнува навивачката програма.
















