Македонскиот репрезентативец Марио Младеновски е најдобро оценетиот централен бранител во хрватското првенство по првите осум кола. Тоа го покажува анализата на загрепскиот весник „Спортске новости“, чии новинари ги сумираа оцените на своите известувачи од летниот дел на сезоната во СуперСпорт ХНЛ.
Стоперот на Вараждин има просечна оценка од 6,56 на сите осум натпревари на кои беше оценуван, со што е пред динамовецот Нико Галешиќ и бранителот на Риека Анел Хусиќ, кои имаат по 6,40. Во првата петорка стопери се и Колариќ од Осиек со 6,33 и неговиот соиграч од Вараждин, Тепшиќ, со 6,31.
Од хрватскиот весник истакнуваат дека 26-годишниот репрезентативец на Македонија заслужено е дел од идеалната единаесеторка на летниот дел, а до првото место меѓу стоперите му помогнале и двата постигнати гола.
Младеновски досега настапи на сите осум натпревари на Вараждин. Се запиша во листата на стрелците против двата најголеми хрватски клуба, во победата над Хајдук со 2-1 и во поразот од Динамо со 3-1.
Порталот Спортнет уште на почетокот на септември го стави во идеалниот тим на петтото коло, по победата над Рудеш без примен гол, во која Младеновски имаше седум точни долги додавања од десет обиди, три добиени воздушни дуели од три и девет успешно одбранети опасни ситуации.
Идеалниот тим на летниот дел според „Спортске новости“ го сочинуваат Јосиповиќ, Ласицкас, Галешиќ, Младеновски, Јуришиќ, Врбанчиќ, Цањуга, Фредериксен, Фрук, Омеровиќ и Бељо. Вараждин има двајца претставници, Младеновски и младиот Иван Цањуга, а најдобро оценетиот играч во лигата е напаѓачот на Динамо, Дион Дрена Бељо, со просек од 7,25.
„Спортске новости“ во анализата ги вклучија само фудбалерите кои добиле оценка на барем половина од осумте одиграни кола. Интересно е што во идеалниот тим нема ниту еден играч на Хајдук, кој заедно со Динамо и Осиек е на врвот на табелата со 16 бода.
Во анализата се спомнува уште еден Македонец. Илија Несторовски, со оценка од 6,25, е најдобро оценетиот играч на Славен Белупо, заедно со Ален Гргиќ.
Хрватското првенство по репрезентативната пауза продолжува со есенскиот дел, а Вараждин во следното коло игра против Локомотива.
Извори: Sportske novosti, Sportnet
















