Лука Дончиќ во интервју за Спортс илустрејтед отворено зборуваше за тешката семејна ситуација што го следеше во текот на целата мината сезона. Словенечкиот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс призна дека одвоеноста од двете ќерки, Габриела и Оливија, кои живеат во Словенија, му ја направила сезоната исклучително тешка.
„Тоа ја направи целата мината сезона многу тешка. Сакаш да бидеш со децата секој ден. Јас ги видов, колку, четири или пет дена? Тоа е невозможно“, изјави Дончиќ за новинарот Крис Манкс. На прашањето дали ситуацијата е решена, по кратка пауза одговори: „Се надевам. Сè уште не знаеме, но се надевам. Не можам да поминам уште една сезона вака.“
Дончиќ и неговата поранешна свршеница Анамарија Голтес се разделија, а несогласувањето околу тоа каде ќе живеат децата прерасна во правен спор. Голтес претходно поднесе барање за издршка и судски трошоци во Лос Анџелес, но подоцна го повлече. Според Дан Војк од Атлетик, Дончиќ на почетокот на октомври поднесе барање според Хашката конвенција, со цел ќерките да бидат донесени во САД. „Ништо не ми е поважно од моите ќерки. Ќе направам сè што е потребно за да бидам сигурен дека во нивните животи се присутни двајцата родители“, се вели во неговото соопштение. Од таборот на Голтес засега нема коментар.
Словенецот целото лето го помина со ќерките, поради што го пропушти и летниот настап со репрезентацијата на Словенија. „Минатата година очигледно имав многу работи во главата. Оваа година целото лето го поминав со ќерките, што за мене е прекрасно. Бев многу среќен што можев да бидам со нив“, рече тој. Пред почетокот на подготовките, Дончиќ ги однесе соиграчите од Лејкерс во Словенија на заедничко дружење, што му овозможи да ги усогласи обврските со времето поминато со семејството.
Во интервјуто Дончиќ се осврна и на повредата на задната ложа поради која го пропушти плејофот. Тој призна дека требало да излезе од натпреварот против Оклахома во април, кога првпат почувствувал болка. „Требаше. Кога станува збор за мојот победнички дух, едноставно сум тврдоглав. Уште во првото полувреме почувствував дека треба да застанам. Мислам дека имавме тим што можеше да се бори за титулата. Дефинитивно жалам“, рече тој.
Дончиќ имаше убави зборови и за Леброн Џејмс, кој летово ги напушти Лејкерс. „Тој ми дозволи да бидам свој и јас навистина го почитувам тоа. Начинот на кој пристапуваше кон играта со нас беше неверојатен. Многу уживав играјќи со него и мислам дека можевме да направиме нешто во плејофот, да не се повредевме јас и Остин Ривс“, изјави Словенецот.
По заминувањето на Џејмс, Дончиќ стана капитен и неприкосновен лидер на Лејкерс, кои ја започнуваат новата сезона со речиси целосно променет состав. Пред него е сезона во која, како што самиот вели, мора да се фокусира на кошарката и да игра на највисоко ниво, додека се надева дека семејната ситуација конечно ќе биде разрешена.
Извори: BasketNews, ClutchPoints, BasketballNews
















