Светскиот шампион Николо Булега и на претпоследната рунда од Светскиот шампионат во супербајк покажа дека оваа сезона нема конкуренција. Италијанецот од Аруба Дукати победи на сите три трки на патеката Естерил во Португалија, а во неделата ја доби и Трката 2, со предност од 4,888 секунди пред тимскиот колега Икер Лекуона.
Според Crash.net, ова е 10ти викенд оваа сезона во кој Булега ги освои сите три трки, а 12ти во кариерата, што е нов рекорд во супербајкот. Италијанецот, кој ја обезбеди титулата уште на 27 септември во Кремона, во саботата ја доби Трката 1, а во неделата наутро и Суперпол трката.
Рекордна 28ма победа во Суперпол трката
Победата во кратката трка од десет круга му донесе историски рекорд. Булега стигна до 28мата победа во сезоната и го надмина досегашниот рекорд од 27 победи, кој Алваро Баутиста го постави во 2023 година, објави официјалната страница на WorldSBK. Лекуона го презеде водството на стартот, но во третиот круг направи грешка при сопирањето во првиот свиок и му го препушти водството на тимскиот колега.
Третото место во Суперпол трката го освои Алберто Сура од Мотокорса, кој во последниот круг го престигна домашниот миленик Мигел Оливеира и му го одзеде местото на подиумот пред португалската публика.
Баутиста го испушти подиумот пет круга пред крајот
Во Трката 2 Лекуона повторно имаше подобар старт и го презеде водството во првиот свиок, но Булега уште во првиот круг го врати првото место во шестиот свиок и потоа сигурно се оддалечи. Најинтересна беше борбата за третото место меѓу Баутиста и Сура, кои неколкупати си ги менуваа позициите.
Шпанецот, двоен светски шампион, седум круга пред крајот повторно се најде пред младиот Италијанец, но пет круга пред целта падна при сопирањето во првиот свиок и ја испушти можноста за првиот подиум по долго време. Сура така стигна до уште едно трето место, а четврти беше Јари Монтела, кој стана најдобро пласираниот возач од независните тимови во сезоната.
Аксел Басани со Бимота беше петти и најдобро пласиран возач кој не вози Дукати, а во првите десет се пласираа и Лоренцо Балдасари, Герет Герлоф, Оливеира, Чави Виерхе и Џејк Диксон. Оливеира, кој стартуваше од вториот ред, уште во првиот круг излета од патеката и падна надвор од првите десет, па до крајот се пробиваше низ поредокот. Без бодови останаа Алекс Лоус и Андреа Локатели, кои не ја завршија трката.
Сезоната во супербајк ќе заврши со последната рунда, а Булега на неа ќе настапи како веќе потврден светски шампион, со можност уште повеќе да ги подобри рекордите.
















