Бешикташ се засили на бековската позиција. Турскиот клуб, кој оваа сезона настапува во Евролигата, официјално потпиша договор со американскиот шутер Лони Вокер, само три дена откако Денвер Нагетс се откажа од него, пренесува Eurohoops.
„Нашиот машки кошаркарски тим потпиша договор со 27-годишниот американски бек Лони Вокер. Во текот на НБА кариерата ги носеше дресовите на Сан Антонио Спарс, Лос Анџелес Лејкерс, Бруклин Нетс и Филаделфија Севентисиксерс и на 342 натпревари имаше просек од 10 поени, 2,3 скока и 1,5 асистенција“, се вели во соопштението на Бешикташ.
Според BasketNews, Вокер потпиша договор до крајот на сезоната 2026/27.
Вокер беше избран како 18ти пик на НБА драфтот во 2018 година од Сан Антонио и првите четири сезони ги помина во Спарс. Потоа имаше едногодишни ангажмани во Лејкерс и Нетс, а во 2024 година за првпат замина во Европа.
Во дресот на Жалгирис одигра 33 натпревари и го освои Купот на кралот Миндаугас, а во февруари 2025 година се врати во НБА со договор со Филаделфија до крајот на сезоната. Минатата сезона повторно настапуваше во Евролигата, овојпат во Макаби Тел Авив.
На почетокот на септември Вокер потпиша негарантиран договор за подготвителниот камп на Денвер. На двата предсезонски натпревари имаше просек од само два поени за 8,6 минути, а Нагетс го отпуштија на 12 октомври, пишува HoopsRumors. Неколку часа пред тоа, агентот Мишко Ражнатовиќ објави дека Вокер станал дел од неговата агенција Беобаскет.
Бешикташ, предводен од српскиот тренер Душан Алимпијевиќ, засега има две победи и три порази во Евролигата. Тимот од Истанбул ја започна сезоната со пораз од Валенсија со 94-96, а од Вокер се очекува да донесе повеќе поени и искуство во редовите на екипата.
















