АТП турата предлага промени што треба да го намалат притисокот врз играчите да настапуваат на премногу турнири. Претседателот Андреа Гауденци ги претстави мерките по долгите паузи на Карлос Алкараз и Јаник Синер поради повреди, јави AP News.
Алкараз паузираше околу четири и пол месеци поради повреда на десниот зглоб и пропушти два Гренд слем турнира меѓу април и август. Синер не игра од победата на Вимблдон во јули и ја заврши сезоната поради воспаление на десното колено.
Планот предвидува прераспределба на бодовите за рангирање, со поголем акцент на подоцнежните фази на најголемите турнири. Се укинува и правилото според кое играчите можат да заменат до три послаби резултати од Мастерс 1000 турнирите со подобри резултати од АТП 500 или АТП 250 турнирите подоцна во сезоната.
„Тоа создава притисок да се додаваат турнири по ран испад за да се надоместат бодовите. Предлозите го отстрануваат тоа, така што резултатите на најголемите настани се бројат во целост, а играчите можат да го планираат календарот околу нив наместо да бркаат бодови“, изјави Гауденци, цитиран од FOX Sports.
АТП истовремено се подготвува за нов Мастерс 1000 турнир во Саудиска Арабија, со што бројот на турнири од тоа ниво би се зголемил на десет годишно. Предлозите се дел од пакетот OneVision и сè уште подлежат на консултации и одобрување.
Меѓу финансиските мерки е и зголемувањето на бонус-фондот на крајот од годината од 21,5 на 50 милиони долари, како и поддршка за играчите до 250то место и зголемени пензиски придонеси.
Гауденци порача дека целта е да се обезбеди појасна рамка за планирање на сезоната, наградување на настапите на најголемите турнири и поширока поддршка за повеќе играчи. Деталите за евентуалните промени во конкуренцијата на двојки остануваат предмет на посебна дебата.
















