Реал Мадрид бара итна оставка од Тебас по споредбата со пропагандата на Гебелс

Хавиер Тебас, претседател на Ла Лига
Фото: Rafa Aparicio FotosLaLiga / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Реал Мадрид побара итна оставка од претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, откако тој ги спореди методите на клубот и неговата телевизија со пропагандните техники на Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда во нацистичка Германија.

Тебас во петокот објави подолг текст на социјалната мрежа X, во кој остро ја критикуваше комуникацијата на мадридскиот клуб и начинот на кој Реал Мадрид ТВ ги обработува судиските одлуки. Клубската телевизија редовно емитува прилози во кои, според неа, се прикажуваат тешки грешки на судиите што треба да судат на наредните натпревари на „кралевите“.

„Раководството на Реал Мадрид диригира оркестар од гласноговорници, а Реал Мадрид ТВ ја предводи песната. Нивната партитура е секогаш иста: ги избираат ситуациите што им одговараат, ја повторуваат наводната неправда, го хранат сомнежот и посочуваат непријатели“, напиша Тебас, пренесува BBC Sport.

„Тој метод потсетува на пропагандните механизми што ги користеше Гебелс: систематско повторување, создавање непријател и потчинување на фактите на наративот“, додаде претседателот на Ла Лига. Подоцна појасни дека ги споредува техниките, а не идеологијата, ниту пак навивачите на Реал.

Од Мадрид одговорија со официјално соопштение. „Реал Мадрид смета дека е апсолутно неприфатливо и исклучително сериозно некој што држи две од најодговорните функции во шпанскиот фудбал да посегне по споредба со пропагандните методи на нацистичкиот режим за да го дискредитира нашиот клуб, неговото раководство и неговата телевизија“, се наведува во соопштението на Реал Мадрид.

Клубот оцени дека појаснувањето оти не мислел на нацистичката идеологија не го ублажува „длабоко навредливиот, морално одбивен и институционално недостоен“ карактер на изјавите. Според Реал, ова е уште една епизода од повторените напади на Тебас врз клубот, неговиот претседател и неговите медиуми.

Реал Мадрид во соопштението повторно го спомна случајот Негреира. Клубот наведува дека поради изостанувањето на реакција од институциите во кои Тебас има високи функции, директно се обратил до УЕФА и побарал целосно расчистување на исплатите што Барселона со години ги вршела кон тогашниот потпретседател на Техничкиот комитет на судиите.

„Повторуваното однесување на Хавиер Тебас покажува недостаток на неутралност, почит и непристрасност, што е неспоиво со неговите институционални одговорности“, стои во соопштението. Затоа Реал бара негова итна оставка и од функцијата претседател на Ла Лига и од функцијата потпретседател на Шпанската фудбалска федерација.

Ова не е првпат клубот да бара заминување на Тебас. Во септември Реал побара оставка откако претседателот на Ла Лига го критикуваше клубот за нападите врз судиите по поразот од 2-1 на гостувањето кај Атлетико, пишува The Guardian.

Тебас со години е во отворен судир со Реал и неговиот претседател Флорентино Перес, меѓу другото и поради плановите за Европска суперлига од 2021 година. Тренерот на Реал, Жозе Мурињо, исто така јавно се жалеше дека неговиот тим е оштетуван од судиите.