Ангела Јанкуловска со тешка повреда на коленото: левиот бек ги пропушта Европското првенство и баражот за СП

Ангела Јанкуловска - тешка повреда на коленото
SuperSport.mk

Женската ракометна репрезентација на Македонија доби тешка вест пред Европското првенство во декември. Левиот бек Ангела Јанкуловска се здоби со сериозна повреда на коленото, поради која ја заврши сезоната и нема да може да ѝ помогне на репрезентацијата на континенталниот шампионат.

Ракометарката од Битола се повреди на домашниот реванш против Салерно во ЕХФ Европскиот куп, настапувајќи за словачкиот клуб Дунајска Стреда. Таа веќе е оперирана, а клубот ги соопшти деталите за интервенцијата и рокот за опоравување.

„Ангела Јанкуловска, нашиот лев бек, успешно беше оперирана на одделението за ортопедија, откако се здоби со повреда на коленото на домашниот реванш против Салерно во рамките на ЕХФ Европскиот куп. За време на операцијата беше извршена реконструкција на лигаментот што ја стабилизира чашката на коленото“, објави Дунајска Стреда, пренесуваат македонските медиуми.

„Енџи ќе го помине викендот во болница, а од понеделник ќе започне со рехабилитација и долг процес на закрепнување. За жал, по ваков тип повреди враќањето на терените се очекува да трае од седум до девет месеци, што значи дека Енџи најрано ќе можеме повторно да ја видиме во дресот на нашиот тим следната сезона“, додадоа од клубот.

Јанкуловска одлично ја започна сезоната во дресот на Дунајска Стреда, а со добрите настапи се истакна и на „Трофеј Македонија“ во Охрид, каде што селекторот Игор Марковиќ ја подготвуваше репрезентацијата.

Нејзиното отсуство е сериозен хендикеп за Марковиќ, кој сега ќе мора да бара ново решение на левата бековска позиција. Покрај Европското првенство, Јанкуловска ќе го пропушти и баражот за пласман на Светското првенство во 2027 година, закажан за април следната година.

На Европското првенство Македонија ја очекуваат тешки противници во групата: Норвешка, Швајцарија и Романија.

Македонските репрезентативки од понеделник се собираат во рамките на ЕХФ-неделата, во текот на која стручниот штаб ќе работи на подготовките за претстојните предизвици, сега без една од најважните ракометарки во ротацијата.