Поранешниот руски боксер во тешка категорија Денис Бојцов почина на 40-годишна возраст во родниот Орел. Боксерот, кого поради експлозивниот стил и силниот удар го нарекуваа “рускиот Тајсон”, почина по повеќе од една деценија борба со последиците од тешките повреди што ги доживеа во 2015 година.
Неговиот татко Николај Бојцов за руската агенција ТАСС изјави дека смртта била ненадејна и дека причината бил откинат тромб. Според таткото, Бојцов бил дома со сопругата кога одеднаш му се влошила состојбата, а екипата на итната медицинска помош не успеала да го спаси, пренесе Боксинг њуз 24.
Бојцов е роден во 1986 година во Орел и во своето време важеше за еден од најперспективните боксери во тешка категорија. Професионалната кариера ја започна во 2004 година во германската промоторска куќа Универзум, а во 2006 година ја освои младинската титула на ВБЦ во тешка категорија, по што следуваа и регионални појаси на ВБА и ВБО.
Кариерата ја заврши со скор од 36 победи и само еден пораз, од кои 27 победи со нокаут. Долго време беше непоразен, а во првите десет професионални борби ниту еднаш не стигна подалеку од втората рунда, поради што експертите редовно го споредуваа со Мајк Тајсон, наведува Фајтњуз.
Единствениот пораз го доживеа против Австралиецот Алекс Леапаи, во борба во која на хартија беше голем фаворит. По тој пораз се врати во рингот и забележа три последователни победи, но тоа беа неговите последни професионални борби.
Кариерата му беше прекината во мај 2015 година во Берлин, кога беше пронајден во несвест меѓу две железнички станици, со тешки повреди на главата. Околностите на настанот никогаш не беа целосно разјаснети, а Бојцов неколку недели беше во индуцирана кома.
Поранешниот боксер со години се лекуваше во Германија, прво во Берлин, а потоа во рехабилитациска клиника во Хамбург. Во 2021 година семејството го врати во Русија, каде што продолжи да живее под постојана нега.
Британскиот тешкаш Дејвид Прајс, кој спарингувал со него во Германија, еднаш изјави дека Бојцов бил еден од најсилните удирачи против кои се борел во рингот. “Ме погоди само по темето, но беше моќен удирач”, рече Прајс за Дејли Стар.
















