Тотенхем вечерва од 21 часот на својот стадион го пречекува Ковентри во последниот натпревар од седмото коло во Премиер лигата. Лондончаните и понатаму ја чекаат првата победа во првенството, а против нив доаѓа новајлијата кој во последните две кола забележа два триумфа.
Тимот на Роберто Де Дзерби е на дното на табелата со само три бода по шест натпревари, со три ремија и три порази. Во последното коло Тотенхем стигна до реми од 1-1 на Олд Трафорд против Манчестер Јунајтед со гол во судиското надополнување, иако натпреварот го заврши со десетмина по црвениот картон на Родриго Бентанкур. Уругваецот го удри со глава Лук Шо и доби казна од три натпревари.
Ковентри, кој го води Френк Лампард, е на 15тото место со шест бода, двојно повеќе од Тотенхем. Новајлијата во последните две кола ги совлада Нотингем Форест со 1-0 и Њукасл со убедливи 4-1, а со нова победа ќе ја зголеми предноста пред Тотенхем на шест бода.
Де Дзерби на прес-конференцијата соопшти две лоши вести. Бразилецот Савио има мускулна повреда и ќе отсуствува неколку недели, а Лукас Бергвал го одиграл целиот натпревар во Манчестер со болки во коленото и ќе паузира околу две недели. Педро Поро сè уште не е подготвен, а отсуствуваат и Мухајло Мудрик, Вилсон Одобер и Чави Симонс.
Најубавата вест е враќањето на Дејан Кулушевски, кој по повеќе од 500 дена ќе биде во составот. „Медицинскиот штаб даде зелено светло. Тоа е веројатно најубавата вест од натпреварот со Евертон минатата сезона. Премногу страдаше. Му кажав вчера и имаше голема насмевка на лицето“, изјави Де Дзерби, пренесува Spurs Web.
По тренинг-кампот во Марбеља, италијанскиот тренер очекува екипата да покаже карактер уште од првата минута. „Јас сум тренер и преземам одговорност, но одговорноста е на сите, од газдата до играчите. Тие мора да се чувствуваат како тим. Во Манчестер, особено во најтешкиот момент по црвениот картон, покажавме дека имаме карактер. Сега мора тоа да го покажеме од почетокот, дома пред нашите навивачи, бидејќи ако сакаме, можеме да ја смениме историјата на оваа сезона“, рече Де Дзерби, пренесува CBS Sports.
Тој упати и пофални зборови за ривалот. „Ковентри е добар тим. Одиграа фантастично минатата сезона во Чемпионшип и заслужија да ја освојат лигата. Играат со енергија и квалитет“, рече Де Дзерби за официјалниот сајт на Тотенхем.
Кај Ковентри, по суспензија од три натпревари, се враќа напаѓачот Тајво Авонији, а подготвен е и Кејн Кеслер-Хејден. Лампард нема да може да смета на Лук Вулфенден, Орел Аменда, Џош Еклс и Хаџи Рајт. Главен судија на натпреварот ќе биде Енди Медли, а во ВАР-собата ќе биде Пол Тирни.
















