Илија Несторовски доживува втора младост во Хрватска и повторно размислува за репрезентацијата. Искусниот напаѓач на Славен Белупо во интервју за хрватскиот Спорт клуб му испрати индиректна порака на селекторот Гоце Седлоски, порачувајќи дека е подготвен да заигра за Македонија доколку добие повик.
Несторовски, кој има 36 години, е еден од најдобрите стрелци во хрватското првенство. Сезонава на десет натпревари во лигата постигна седум гола, а во Купот постигна уште два на еден натпревар.
„Постигнав сè што сакав. Единствено, можеби со Македонија, жалам што не заиграв на Европското првенство. Но, тоа е што е. Се случи таа повреда и тоа е тоа. Сè друго го постигнав. Играв во петте најсилни лиги и таму постигнував голови, сè беше навистина одлично. Освен тоа Европско првенство, за кое навистина жалам, но таков е животот, продолжуваме понатаму. Можеби сега Светско првенство, ако повторно ме повикаат во репрезентацијата, бидејќи се вратив во добра форма, никогаш не се знае“, изјави Несторовски, пренесува Macedonian Football.
„Секогаш се надевам. Продолжувам да тренирам, продолжувам да играм и никогаш не сум се откажал од репрезентацијата. Ако стигне повик, секогаш сум на располагање за Македонија, бидејќи да се игра за Македонија, за својата земја, е вистинска гордост. Забележав дека во последните години не ме повикуваа, но тоа воопшто не е проблем. Тоа значи дека за време на репрезентативните паузи имам повеќе време за семејството. Но, ако по овие одлични настапи некој се сети на мене, добро, тука сум“, додаде напаѓачот.
Пораката доаѓа во момент кога репрезентацијата има голем проблем со постигнувањето голови. Откако Седлоски ја презеде клупата, Македонија не постигна гол на осум натпревари, што е најдолгата таква серија во историјата на националниот тим. На последните четири натпревари од Лигата на нациите, единствениот удар во рамката на голот го упати Христијан Малески, кој влезе од клупата.
Несторовски за репрезентацијата има одиграно 52 натпревари и постигнато 10 гола. Тој беше еден од клучните играчи во генерацијата што се пласираше на Европското првенство 2020, но турнирот го пропушти поради повреда на предниот вкрстен лигамент.
Последниот повик во националниот тим го доби во септември 2023 година, кога на двата квалификациски натпревари за Европското првенство 2024 остана на клупата.
















