Турскиот мотоциклист Топрак Разгатлиоглу нема повеќе да вози во сезоната 2026 во МотоГП. Неговиот тим Прима Прамак Јамаха во вторникот соопшти дека повредата на рамото, која ја доживеа при падот на Големата награда на Индонезија во Мандалика, е посериозна отколку што првично се мислеше и дека возачот ќе мора да оди на операција.
Разгатлиоглу во понеделникот отпатува во Милано на дополнителни медицински прегледи, кои потврдија дека оштетувањето бара хируршка интервенција за да се обезбеди најдобро можно закрепнување. Во договор со возачот, операцијата е закажана за понеделник, 26 октомври, во Милано, по што Турчинот ќе се фокусира на рехабилитацијата, соопшти официјалниот сајт на МотоГП. Тоа значи дека ќе ја пропушти Големата награда на Австралија на Филип Ајланд и сите преостанати трки од светскиот шампионат.
Според агенцијата Ројтерс, 30-годишниот повеќекратен светски шампион во Супербајк го исчашил рамото при падот во Индонезија, но и покрај тоа настапил и во спринтот и во главната трка. Разгатлиоглу, кој ја вози својата прва сезона во МотоГП, во моментов е на 21вото место во генералниот пласман.
Шефот на тимот Џино Борсои не го криеше разочарувањето. „Многу ни е жал за Топрак, бидејќи знаеме колку сакаше да вози на Филип Ајланд и да го продолжи своето патување со јамахата. Напорно работеше за да се прилагоди на МотоГП и разочарувачки е што оваа повреда ќе го спречи да го продолжи тој процес во наредните трки. Сепак, здравјето мора да биде на прво место и ќе го поддржуваме во текот на целото закрепнување“, изјави Борсои.
Самиот Разгатлиоглу призна дека одлуката не била лесна. „Крајно сум разочаран што ќе ја пропуштам Големата награда на Австралија. Филип Ајланд е една од моите омилени патеки и место каде што доживеав многу посебни моменти во кариерата во Супербајк. Бев возбуден од можноста овде да возам со МотоГП мотор, што оваа ситуација ја прави уште потешка за прифаќање“, рече Турчинот.
„По дополнителните медицински прегледи по падот во Мандалика стана јасно дека повредата на рамото е потешка отколку што мислевме на почетокот. Затоа во наредните денови ќе одам на операција, за да си дадам најдобра шанса за целосно закрепнување и враќање на сто отсто. По разговорите со лекарите и со најблиските луѓе, убедени сме дека тоа е вистинскиот чекор за мојата иднина“, додаде тој. Разгатлиоглу му посака успех и на тимскиот колега Џек Милер на неговата домашна трка, која, како што потсети, е последниот МотоГП настан на Филип Ајланд.
На местото на Турчинот во Австралија и на наредните трки ќе вози тест-возачот на Јамаха, Шпанецот Аугусто Фернандес, пренесува Mundo Deportivo. „Тој добро го познава моторот и задоволни сме што ќе му се приклучи на тимот. Ќе работиме заедно за да ја искористиме оваа можност најдобро што можеме“, рече Борсои, кој појасни дека Фернандес ќе вози сè додека Разгатлиоглу не биде подготвен за враќање.
Повредата не ги менува плановите за следната сезона. Разгатлиоглу и во 2027 година останува во Прамак, каде што ќе ја вози својата втора сезона во кралската класа, а негов тимски колега ќе биде Изан Гевара, кој доаѓа од Мото2. Турчинот веќе учествуваше и на тестирањето на гумите со новиот прототип од 850 кубика по Големата награда на Чешка.
















