Ел Класико меѓу Барселона и Реал Мадрид, кое ќе се одигра во недела на Камп Ноу, доби нова приказна пред првиот судиски свиреж. Според информациите на Радио Марка, Техничкиот комитет на судиите (ЦТА) се откажал од Алехандро Ернандес Ернандес, кој првично бил избран да ја дели правдата на дербито, а причина за промената биле жалбите на тренерот на Реал, Жозе Мурињо.
Информацијата ја изнесе новинарот Роберто Гомес во емисијата „Ла Трибу“. „Тој што требаше да суди беше Ернандес Ернандес. Ернандес Ернандес нема да суди“, изјави Гомес, а на директното прашање дали промената е поврзана со протестите на Мурињо, одговори потврдно, пренесува Marca.
Според Гомес, Мурињо во две прилики јавно изразил чудење што името на судијата за Класикото се знае толку рано, многу пред официјалното делегирање. Комитетот, како што тврди новинарот, сакал за дербито да назначи искусен судија кој судел на Светско првенство и кој оваа сезона не бил изложен на поголеми контроверзии, а Ернандес Ернандес бил првиот избор. „Тоа што не сакаат е да му дадат муниција на Мурињо“, објасни Гомес.
Името на новиот судија засега не е познато. Гомес како можни решенија ги спомена Алберола Рохас и Санчес Мартинес, но не потврди ниту едно од двете имиња, а ЦТА официјално не го објави делегирањето на судиите за дербито.
Темата за судењето веќе неколку дена е во центарот на вниманието во Шпанија. По победата на Реал од 4-1 над Севиља на Бернабеу, во Севиља бараат објаснување за неказнетиот удар со лакт на Арда Ѓулер врз Пеке при резултат 0-0, а претставниците на андалузискиот клуб треба да се сретнат со претседателот на судиската организација, Фран Сото. Темата ја отвори и Goal, кој пишува дека потегот на Мурињо ги нарушил подготовките за Класикото.
Реал ќе гостува на Камп Ноу без Винисиус Жуниор, кој ја пропушта средбата поради суспензија, откако клубот ја загуби жалбата пред спортските органи. Двата клуба пред дербито имаа и обврски во Лигата на шампионите: Барселона против ПСЖ во Париз, а Реал против Лајпциг.
















