Директорот на Евролигата предупредува: Ако НБА влезе сама во Европа, тоа ќе биде катастрофа, клубовите што ќе заминат ќе изгубат над 80 милиони евра

Навивачите во салата Форум во Асаго на завршниот турнир на Евролигата
Фото: Savino Paolella / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Тензиите меѓу Евролигата и НБА околу иднината на европската кошарка не стивнуваат. Извршниот директор на Евролигата, Чус Буено, порача дека вратата за договор со американската лига и понатаму е отворена, но предупреди дека создавањето ривалско натпреварување на Стариот континент би било катастрофа за кошарката.

„Ако одлучат да влезат на пазарот, тоа ќе биде катастрофа. И тие го знаат тоа, и ние го знаеме тоа, и не го сакаме тоа“, изјави Буено во интервју за агенцијата Ројтерс, пренесува CNA. „Имавме разговори по Комо. Ставот на сопствениците беше многу јасен. Секогаш ќе бидеме отворени да слушнеме и да разговараме со НБА за потенцијален договор, но тој мора да има смисла за нас. Телефонските линии се отворени и ако нешто не функционирало, можеби нешто ќе функционира во иднина.“

Клубовите акционери на Евролигата, на средбата на езерото Комо на 6 октомври, го одбија предлогот на НБА за соработка, а американската лига продолжува со плановите за лансирање нова европска лига во 2027 година. Буено одби да зборува за деталите од понудата на НБА.

Директорот на Евролигата не верува дека некој од постојните клубови ќе одлучи да замине во проектот на НБА. „Не верувам дека тоа ќе се случи. Мислам дека тимовите сакаат да бидат заедно и да дејствуваат заедно. Тоа го слушам и тоа го слушнавме од сите нив во Комо. Ако си поделен, губиш вредност, а од тоа корист има трета страна“, рече Буено.

Тој потсети дека сите 13 клубови акционери неодамна потпишаа десетгодишни договори поврзани со новиот стратегиски план. „Ако сакаат да заминат, постои казна што можат да ја платат, а клубовите можат да бараат и поединечна отштета. Ќе ги изгубат повеќе од 80 милиони евра што ги имаат во акции. А ако некогаш сакаат да се вратат, ќе мораат да платат колку што ќе чини тогаш, кога ќе побараат да се вратат. Затоа мислам дека имаат многу да изгубат ако заминат“, објасни Буено.

Во меѓувреме, Евролигата продолжува со сопствениот план за проширување на 24 клуба и премин кон модел заснован на франшизи. Предвидено е да се одобрат до осум долгорочни лиценци, а новите членки ќе бидат објавени во средината на ноември, пишува Sportando.

Според проекциите на Евролигата, во наредната деценија вкупната вредност на клубовите со лиценца треба да порасне трипати, од околу 1,8 на 5,4 милијарди евра, а вредноста на самата лига од 1,4 на 7,98 милијарди евра. Буено призна дека во моментов само 40 отсто од клубовите со лиценца се финансиски одржливи, но смета дека за пет години, со проширувањето, повеќето или сите ќе бидат во таа позиција.