ПСЖ потврди: Кварацхелија со скинати вкрстени лигаменти, оди на операција, Дембеле и Маркињос надвор неколку недели

Хвича Кварацхелија
Фото: Paté kroute / Wikimedia Commons (CC0)

Париз Сен Жермен ја потврди најлошата можна вест по победата од 4-2 над Барселона во Лигата на шампионите. Според официјалниот медицински билтен на клубот, Хвича Кварацхелија доживеал кинење на предните вкрстени лигаменти на десното колено и во наредните денови ќе биде опериран.

Грузискиот репрезентативец се повреди во 58та минута, кога, по спринт назад за да го запре Шави Еспарт, несреќно падна на теренот. Од игра излезе во 59та минута, а на негово место влезе Магнес Аклиуш. Клубот засега не објави колку долго ќе отсуствува.

Тоа не е единствениот удар за тимот на Луис Енрике. Во истиот билтен ПСЖ соопшти дека Усман Дембеле, кој го напушти теренот уште по околу 20 минути поради повреда на левата бутина, ќе биде на третман во наредните недели. Истото важи и за капитенот Маркињос, кој ја повреди десната бутина и беше заменет во 59та минута од Илија Забарни.

„Јас не сум доктор, јас сум тренер. Трите повреди се најлошиот дел од денешниот натпревар. Тоа се тројца многу важни играчи, па навистина е лоша вест, но тоа е фудбалот“, изјави Луис Енрике по средбата, пренесува ESPN.

Официјалната потврда за повредите е објавена на официјалната страница на ПСЖ. Парижаните во недела го играат дербито на врвот во Лига 1 против Лион.