Претседателот на Грчката кошаркарска федерација (ЕОК), Вангелис Лиолиос, беше уапсен во средата во рамките на голема полициска акција поради сомневања за подмитување и местење натпревари. Заедно со него се приведени уште неколку лица, меѓу кои и членови на управата на федерацијата и активни судии, пренесува Катимерини.
Акцијата ја води Дирекцијата за организиран криминал, позната во Грција како „грчкиот ФБИ“. Околу пладне беа издадени шест налози за апсење, а осомничените, во зависност од нивната улога, се соочуваат со обвиненија за подмитување и корупција според грчкиот закон за спорт. Истрагата ја водел обвинителот Апостолос Граменос, кој со месеци прибирал сведоштва, документи и пораки разменети меѓу кошаркарски функционери и судии.
Според То Вима, меѓу уапсените се судиите Петрос Папапетру, Тасос Пилоидис и Панајотис Анастопулос, како и Илијас Коромилас, поранешен судија и специјален советник за судењето. Полицијата трага и по судијката Василики Царуха и бизнисменот и поранешен спортист Јоргос Маврајанис.
Истрагата опфаќа околу 50 натпревари одиграни од 2016 до 2026 година, на сите нивоа на грчката кошарка, од младинските и училишните првенства до највисоката лига. Меѓу спорните дуели има и еден натпревар одигран во странство. При претресите кај еден од судиите во провинцијата биле пронајдени околу 800.000 евра во готовина, а значителни суми биле пронајдени и кај други осомничени, при што потеклото на парите не е објаснето.
Целиот случај, според грчките медиуми, започнал со пријава на кошаркарскиот клуб Маруси во април, која се однесувала на работата на федерацијата и на нејзиниот претседател. Во списите се наоѓаат сведоштва на осум лица, од кои две се сметаат за клучни. Тие, наводно, и самите во минатото примале мито, но нема да бидат кривично гонети бидејќи доброволно проговориле за незаконските активности.
Управниот одбор на ЕОК одржа итна седница по издавањето на налозите за да ги информира членовите за постапката. Осомничените во четвртокот треба да се појават пред истражен судија и да одговараат на обвиненијата, а конкретните обвинувања против секој од нив засега не се објавени.
Грчките медиуми нагласуваат дека Олимпијакос и Панатинаикос, двата најголеми клуба во земјата, не се вмешани во истрагата, ниту како подносители на пријави, ниту како предмет на обвинувањата. Лиолиос е на чело на грчката федерација од септември 2021 година, а за сите осомничени важи претпоставката на невиност додека судот не пресуди поинаку.
















