Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го објави поширокиот список од 35 ракометари за почетокот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Од нив, стручниот штаб ќе избере 16 играчи кои ќе настапат на првите два натпревари во ноемврискиот репрезентативен прозорец на ЕХФ.
Македонија ќе ги почне квалификациите на 4 ноември, кога од 19 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го пречека Луксембург. Четири дена подоцна, на 8 ноември од 16 часот според македонско време, следува гостувањето кај Грција во Халкида. Во групата 8 е и Шведска, еден од фаворитите за првото место.
Најголемо внимание привлекува Дмитро Хориха, кој неодамна доби зелено светло за настап во македонскиот дрес и сега за првпат се најде на списокот на Лазаров. Покрај него, селекторот повторно се потпира на добро познатите имиња, меѓу кои е и голманот Мартин Томовски, кој со одличните одбрани за Битигхајм се наметнува како еден од најдобрите чувари на мрежата во германската Бундеслига.
Меѓу голманите се Мартин Томовски, Васил Гогов, Никола Митревски, Иван Галевски и Марко Кизиќ. На позицијата лев бек се Филип Кузмановски, Дмитро Хориха, Павле Атанасијевиќ, Филип Талевски и Емилијан Ѓоргоноски, а за средината на нападот конкурираат Марко Митев, Дамјан Митев, Мирче Калајџиевски и Мартин Ивановски.
На позицијата десен бек се Давид Савревски, Мартин Велковски, Томислав Јагуриновски, Мартин Серафимов и Филип Николов. Како леви крила се повикани Петар Атанасијевиќ, Марио Стојановски, Цветан Кузманоски, Иван Џонов и Гоце Ојлески, како десни крила: Александар Петковски, Ален Ќосевски, Никола Костески и Ненад Белистојановски, а како пивоти: Самоил Ристевски, Милан Лазаревски, Марко Стојковиќ и Жарко Пешевски.
Според системот што го објави Европската ракометна федерација, на завршниот турнир директно се пласираат првите две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции. При рангирањето на третопласираните се земаат предвид само резултатите против првопласираната и второпласираната репрезентација во групата, па секој пораз против Шведска и Грција може да има тежина.
Квалификациите продолжуваат во март и мај 2027 година, а последното коло е закажано за 9 мај. Европското првенство ќе се игра од 13 до 30 јануари 2028 година во Шпанија, Португалија и Швајцарија, со натпревари во Мадрид, Валенсија, Лисабон и Цирих. Домаќините и актуелниот шампион Данска не играат квалификации.
















