Каролина Мухова е осмата и последна тенисерка која ќе настапи на ВТА завршницата во Индијан Велс. Чешката тенисерка го обезбеди пласманот без да игра, откако Украинката Марта Костјук се откажа од натпреварот во второто коло на турнирот во Нингбо.
Костјук, третата носителка во Кина, мораше да стигне до финалето за да ги задржи шансите за Индијан Велс. Таа го загуби првиот сет со 6-4 од Екатерина Александрова, по што побара медицинска пауза и се откажа. „Болката во зглобот се врати и колку и да сакам да продолжам да играм, знам дека треба да му дадам повеќе време да закрепне“, напиша Украинката на социјалните мрежи, пренесува ЕСПН. Костјук поради истата повреда го пропушти и финалето на Били Џин Кинг купот во септември.
Во трката за последното место беше и Ига Свјонтек, но Полјачката се повлече од Нингбо поради повреда на бутот и предвреме ја заврши сезоната.
Мухова во 2026 година освои две титули, на ВТА 1000 турнирот во Доха на тврда подлога и на ВТА 500 турнирот во Бад Хомбург на трева. Беше финалистка и на турнирот на земјена подлога во Штутгарт, а на Вимблдон го играше своето второ финале на Гренд слем турнир, во кое загуби од сонародничката Линда Носкова, соопшти ВТА.
Подоцна во сезоната двете Чехинки беа во ист тим и ѝ го донесоа на Чешка трофејот во Били Џин Кинг купот.
Со пласманот на Мухова е комплетиран составот за завршницата, која ќе се игра од 8 до 15 ноември во Индијан Велс. Таму ќе настапат и првата тенисерка на светот Елена Рибакина, Арина Сабаленка, Мира Андреева, Линда Носкова, Коко Гоф, Џесика Пегула и Елина Свитолина.
„Пласманот на ВТА завршницата е извонредно достигнување и едвај чекам да ги пречекам нашите осум тенисерки во Индијан Велс. Ова е најголемата сцена, каде што најдобрите играат против најдобрите“, изјави директорката на турнирот Гарбиње Мугуруза.
Александрова, минатогодишната финалистка во Нингбо, во четвртфиналето ќе игра против Канаѓанката Лејла Фернандез, која по три часа и три минути борба ја совлада Алјаксандра Сасновиќ со 7-5, 6-7(3), 6-3.
















