Автогол на Гаштаров во ремито на Црвена звезда со Копенхаген

Трибините на стадионот Рајко Митиќ во Белград
Фото: Mister No / Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Црвена звезда одигра 2-2 со Копенхаген во второто коло од лигашката фаза на Лигата на конференциите, а македонскиот репрезентативец Никола Гаштаров имаше несреќна вечер на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград. Одбранбениот фудбалер ја отвори средбата со автогол.

Гаштаров беше во стартната постава на тренерот Алберт Риера и играше во линијата од тројца централни бекови. Во 29тата минута, по негов допир, топката заврши во сопствената мрежа, а данскиот тим поведе со 1-0.

Звезда брзо реагираше. Најпрво Тими Макс Елшник изедначи во 34тата минута, а во 41вата минута Василије Костов, со удар по кој топката се одби од пречката и влезе во голот, им донесе водство од 2-1 на домаќините пред одморот, се наведува во официјалниот извештај на ФК Црвена звезда.

Во второто полувреме Копенхаген успеа да изедначи. Во 70тата минута Махер Каризо шутираше од околу 25 метри и го постави конечниот резултат 2-2. Домаќините ја завршија средбата со играч помалку, бидејќи Гудељ во третата минута од судиското продолжение доби директен црвен картон.

Натпреварот го следеа 16.234 гледачи, а го судеше Романецот Раду Петреску. Звезда по две кола има само еден бод, додека Копенхаген има четири бода на своето конто.

Риера по натпреварот рече дека проблемот е во реализацијата. „Мораме да постигнуваме голови. Примивме еден автогол и еден гол од 30 метри. Тоа се случува. Ќе бев загрижен ако не создаваме шанси“, изјави шпанскиот стручњак за медиумите во Белград.

Белградскиот тим викендов му гостува на ОФК Белград во српското првенство, а на 5 ноември, во Лигата на конференциите, на својот стадион го пречекува Интер Ескалдес од Андора.

За Гаштаров ова беше незгоден момент во силна европска вечер, но македонскиот бек и понатаму е дел од стартниот состав на Риера и ќе има можност да се реваншира веќе на следните натпревари.