Шампионот на ВБЦ во полусредна категорија, Рајан Гарсија, објави дека се договорил со Флојд Мејведер за професионален меч во кој ќе биде во игра титулата. Непоразениот Американец засега не ја потврдил веста, а нема ниту договор, ниту датум, ниту место на одржување на борбата.
„Верувајте ми, на почетокот мислев дека е глупост. Но вистина е, Флојд и јас се договоривме за борба. 147 фунти за светската титула на ВБЦ во полусредна категорија. 50-0 против актуелниот шампион“, напиша 28-годишниот Гарсија на социјалната мрежа Икс.
На Инстаграм тој додаде дека штотуку разговарал со Мејведер по телефон и дека легендата сака вистинска борба, а не егзибиција. Гарсија сподели и слика од видеоповикот со поранешниот шампион.
Според изворите на „Анкраунд“, кои ги пренесува Јаху Спорт, досега немало сериозни преговори меѓу двата табора, па приказната засега се темели само на тврдењето на Гарсија.
Претседателот на ВБЦ, Маурисио Сулејман, претходно изјави дека организацијата би го поддржала враќањето на Мејведер за меч против Гарсија, но само ако ги помине задолжителните медицински прегледи и добие лиценца од надлежната боксерска комисија, пишува Ен-Ди-Ти-Ви.
Мејведер има скор од 50 победи без пораз, од кои 27 со нокаут, а последната професионална борба ја одржа во август 2017 година, кога го победи Конор Мекгрегор. Оттогаш настапува само на егзибициски мечеви, а во февруари 2027 година ќе наполни 50 години.
Гарсија ја освои титулата на ВБЦ со победа над Марио Бариос во февруари, а во септември ја одбрани со нокаут во втората рунда против Конор Бен. Неговиот промотер, Оскар де ла Хоја, претходно истакна дека мечот има смисла само како вистинска професионална борба, а не како егзибиција.














